• понеделник, 23 декември 2024

Продолжува сослушувањето на последните 35 уапсени за инцидентите во кои беше убиен навивачот на АЕК

Продолжува сослушувањето на последните 35 уапсени за инцидентите во кои беше убиен навивачот на АЕК

Атина, 13 август 2023 (МИА) – Последната група од 35 навивачи уапсени за инцидентите во понеделникот вечерта пред стадионот на АЕК, кога беше убиен 29-годишен навивач на атинскиот тим, денеска ќе биде изведена пред истражните судии, со што и ќе заврши маратонскиот процес што започна во петокот, јави дописничката на МИА од Атина. 

Од уапсените 105 навивачи, 70 веќе беа сослушани вчера и завчера и од обвиненијата не беше ослободен ниту еден од нив, со оглед на тоа дека на сите им беше одредена мерка притвор. 

Од нив, 67 се хрватски државјани, двајца се Грци и еден Албанец.

Процесот на сослушувањето на уапсените 105 лица, кои беа поделени во три групи, започна во петокот со првата група од 30 навивачи, продолжи вчера со вторите 40 и завршува денеска со последните 35 уапсени.

Уапсените се товарат за четири кривични и седум прекршочни дела, меѓу кои и за убиство со умисла,  иако убиецот сѐ уште не е идентификуван, за криминална организација, за експлозија и поседување експлозивен материјал итн. ср/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан