• среда, 25 декември 2024

Продолжува сагата во ЕП околу одобрувањето на кандидатите за потпретседатели на Еврокомисијата  

Продолжува сагата во ЕП околу одобрувањето на кандидатите за потпретседатели на Еврокомисијата  

Брисел, 13 ноември 2024 (МИА) – Лидерите на трите партии од т.н. проевропското мнозинство во Европскиот парламент - Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ синоќа не успеаја да постигнат договор околу одобрувањето на номинациите на шесте кандидати за потпретседатели на Европската комисија. 

Нивните кандидатури според првичниот план требаше да бидат одобрувани одделно по завршувањето на нивните сослушувања во вторникот, но трите партии се договорија да го одложат потврдувањето со цел, како што беше образложено, да се обезбеди „сеопфатен пакет на сите шест номинирани“.  

Според извори во Европарламентот, на синоќешната средба претставниците на СД соопштиле дека „одбиваат“ да ги поддржат номинациите на кандидатот за извршен потпретседател на ЕК за кохезија и реформи и за еврокомесар за кохезивна политика, регионален развој и градовите, Италијанецот Рафаеле Фито, кој доаѓа од редовите на десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), како и на предложениот еврокомесар за здравство и благосостојба на животните, Унгарецот Оливер Вархеји, близок до екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ), чие одобрување исто така беше одложено по сослушувањето одржано минатата среда.  

Истите извори посочуваат дека ваквиот став на претставниците на СД довел до „вжештување на атмосферата“ на синоќешната средба. 

Противењето на социјалдемократите на двете номинации се оценува како реакција на резервите на ЕПП кон кандидатката за извршна потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност Тереза Рибера Родригез од Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), која е дел од семејството на СД. 

Резервите кон поддршката на номинацијата на Рибера Родригез беа оценети како обид на ЕПП да изврши притисок за добивање поддршка од страна на социјалдемократите за нејзиниот предлог за измени на Регулативата на ЕУ за уништување на шумите, со што би се ублажиле некои од рестриктивните мерки во неа, на што се против СД. 

ЕП треба денеска да се изјасни за овие измени, поради што се очекуваше да биде постигнат „пакет договор“ за нивно усвојување заедно со поддршка на ЕПП за Рибера Родригез. Но, сега социјалдемократите го „проширија“ евентуалниот пакет со противење на номинациите на Фито и Вархеји. 

Извори во Европарламентот посочуваат дека ЕПП цврсто стои за поддршката на Фито, кој пред да премине во партијата Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, беше член на конзервативната Форца Италија (ФИ), која е дел од Европската народна партија.  

Дополнително, се посочува и дека главен противник на поддршката на Рибера Родригез во ЕПП е нејзината шпанска членка – Народната партија (ПП), која се обидува политичките судири од Мадрид меѓу неа и ПСОЕ на премиерот Педро Санчез да ги пренесе во Брисел. ПП жестоко ја критикува Рибера Родригез, која е актуелна шпанска министерка за еколошка транзиција и демографски предизвици, како одговорна за начинот на кој Владата на Шпанија се справува со неодамнешните поплави во земјата.  

Од овие причини претставник на СД во изјава за „Еурактив“ одговорноста за застојот во одобрувањето на номинациите на кандидатите за членови на Еврокомисијата ја насочи кон ЕПП и нејзиниот лидер Манфред Вебер. 

- Ако стабилноста на европскиот проект и на идната Европска комисија се доведени во опасност, за тоа се одговорни само ЕПП и Манфред Вебер, изјави социјалдемократскиот претставник. 

Според него, СД смета дека нема простор за преговори што би го надминале договорот околу изборот на новата ЕК постигнат меѓу трите партии од т.н. проевропско мнозинство.  

Аналитичарите посочуваат дека и покрај противењето на СД и веројатно на другите левичарски групи, ЕПП би можела да обезбеди одобрување на кандидатурите на Фито, но и на Варехји, со поддршка на десничарските групи во Европарламентот - ЕЦР, ПФЕ и Европа на суверените нации (ЕСН). 

Сепак ваквото сценарио не би било најсоодветно за претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која при реизборот на функцијата, покрај од нејзината ЕПП, беше поддржана и од СД, либералите и Зелените, но не и од десничарските групи. Останува и да се види дали ставот на социјалдемократите е само тактика за обезбедување на поддршка од ЕПП за изборот на Рибера или проевропската коалиција е навистина загрозена. 

Според аналитичарите, по синоќешниот маневар на социјалдемократите со противењето на кандидатурите на Фито и Вархеји, топката сега е во полето на ЕПП и Фон дер Лајен, кои ќе треба да решат дали ќе останат доследни на договорот на проевропските сили дека во мнозинството во Европарламентот нема да бидат вклучени евроскептичните  десничарски или екстремно десничарски партии или пак ќе се свртат кон создавање ново мнозинство составено од „партиите десно од центарот“. сп/

Фото: ЕП

Остани поврзан