• среда, 25 декември 2024

Продолжува репатријацијата на државјани на трети земји од Либан и од Израел преку Кипар

Продолжува репатријацијата на државјани на трети земји од Либан и од Израел преку Кипар

Никозија, 7 октомври 2024 (МИА) – Воени авиони од десет земји, меѓу кои САД, Канада, Австралија, Германија, Холандија, Белгија се стационирани на аеродромите во Кипар и се подготвени да помогнат во репатријацијата на своите државјани од Либан и Израел, доколку се влоши ситуацијата, пишува кипарскиот портал „Филелефтерос“, а паралелно, на островот продолжуваат да пристигнуваат летови со граѓани кои го напуштаат Блискиот Исток, јави дописничката на МИА од Атина.

Република Кипар минатата седмица го активираше специјалниот план „Естиа“ за репатријација и прием на државјани на трети земји од кризните региони, преку нејзина територија, а во текот на викендот пристигнале државјани на Австралија, кои живеат во Либан.

Според кипарската новинска агенција ЦНА и во текот на денешниот ден се очекуваат уште два лета од Бејрут со Австралијци, но и осум летови од Тел Авив за Ларнака со израелски државјани кои ја напуштаат земјата.

Дополнително во пристаништата на Ларнака и Аја Напа, како што пишува агенцијата, продолжуваат секојдневно да пристигнуваат приватни бродови од Либан со европски граѓани и дипломатски и административен персонал на амбасадите.

Претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис денеска свика состанок на националниот совет, а една од темите била и улогата на Кипар во репатријацијата на странските државјани.

По средбата, владиниот портпарол Константинос Летибиотис рече дека „улогата на земјата меѓународно е препознаена и надградена, улога што му служи на хуманитарниот аспект на кризата во нашиот регион“.

-Кипар, како столб на безбедноста и стабилноста во поширокиот регион, има водечка улога во овој хуманитарен аспект, особено преку целосното активирање на планот „Естиа“ минатата седмица, рече Летибиотис.

Дополнително, соопшти дека Христодулидис информирал и за претстојната заедничка средба со лидерот на кипарските Турци, Ерсин Татар во присуство на Генералниот секретар на Обединетите нации, што ќе се одржи на 15 октомври. ср/ссм/

Остани поврзан