• среда, 20 ноември 2024

Продолжува растот на хотелски резервации преку онлајн платформите во ЕУ

Продолжува растот на хотелски резервации преку онлајн платформите во ЕУ

Брисел, 3 октомври 2023 (МИА) – Во текот на вториот квартал од 2023 година преку платформите за краткорочно изнајмување сместувачки капацитети, како „Ербиенби“, „Букинг“, „Експедија Груп“ или „ТрипАдвајзор“, биле извршени резервации за речиси 153 милиони ноќевања во хотели или преноќевалишта на територијата на ЕУ, што претставува раст за 15,8 отсто во споредба со истото ланско тримесечје. 

Според податоците на Европската статистичка служба – Евростат, во секој од трите месеци од вториот овогодишен квартал биле регистрирани рекорден месечен број на резервирани ноќевања преку онлајн платформите. Така во април биле резервирани рекордни 46,7 милиони ноќевања, што претставува раст од 19,5 отсто на годишно ниво, во мај - 47,6 милиони, што е за 22,6 проценти повеќе од истиот месец во 2022 година, а во јуни 58,7 милиони ноќевања, односно 8,4 отсто повеќе во споредба со ланскиот јуни. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во првите шест месеци од 2023 во ЕУ биле регистрирани 237 милиони ноќевања резервирани преку онлајн платформите за изнајмување објекти за сместување, што претставува раст за 18,8 проценти во споредба со првата половина од минатата година, кога имало 199 милиони резервации, како и за 22,6 отсто повеќе од предпандемиската 2019 година, кога бил резервирани 193 милиони ноќевања. 

Најпопуларни региони според бројот на резервирани ноќевања преку онлајн платформите во првиот квартал од 2023 година биле областа на француските Алпи со 5,2 милиони ноќевања, пред и шпанските Канарски Острови со пет милиони и покраината Андалузија во јужна Шпанија со 4,3 милиони онлајн резервирани ноќевања. 

Во првите 20 најпопуларни региони според бројот на ноќевања резервирани преку онлајн платформите во првите три месеци од годинава по пет биле од Франција и Шпанија, по три од Италија и Португалија, два од Австрија и по еден од Полска и Унгарија. сп/ссм/

Фото: МИА Архива/Евростат

Остани поврзан