• среда, 13 ноември 2024

Продолжува расправата во грчкиот Парламент по предлогот за гласање недоверба на Владата на Мицотакис

Продолжува расправата во грчкиот Парламент по предлогот за гласање недоверба на Владата на Мицотакис

Атина, 27 март 2024 (МИА) – Во грчкиот Парламент денеска продолжува расправата за гласање недоверба на актуелната Влада, по поднесениот предлог од четири опозициски партии поради новите информации објавени од весникот „То вима“ за железничката несреќа во февруари минатата година кај Темпи, јави дописничката на МИА од Атина. 

Пратениците од пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода вчера попладне го доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата на Кирјакос Мицотакис, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис.

Расправата на пленарна седница започна вечера, продолжува денеска, а ќе заврши со гласање на пратениците утре најдоцна до полноќ.

Речиси невозможно е предлогот на опозициските партии да биде изгласан, со оглед на тоа што за Владата да ја загуби довербата потребно е да гласаат најмалку 151 од вкупно 300 пратеници во Парламентот, додека пак владејачката Нова демократија има мнозинство од 158 пратенички места. 

Текстот во весникот „То вима“ објавен во неделата за монтираните аудиозаписи за железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, кај опозициските партии во Грција предизвика низа реакции, кои кулминираа со доставување на предлогот за гласање недоверба на актуелната Влада. 

Иницијативата беше на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, кој на почетокот на неговото обраќање во Парламентот истакна дека Владата на Нова демократија, систематски го поткопува владеењето на правото во земјата.

-Во низа скандали го живееме истото: корупција, прикривање, неказнивост, рече Андрулакис.

Предлогот за гласање недоверба е потпишан од 85 пратеници (од вкупно 300 во Парламентот) и е поддржан од ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода, а во него потписниците детално се осврнуваат на сето она што следеше по железничката несреќа и како Владата управуваше со целиот случај, упатувајќи ѝ критики и обвинувања, меѓу другото и дека „континуирано го деградира владеењето на правото, ја поткопува самата демократија и ја разнишува довербата на граѓаните кон политиката, институциите и правдата“.

- Ова досега невидено дискредитирање на владеењето на правото и институциите од страна на Владата не може да продолжи. Управувањето со земјата повеќе не може да биде оставено во рацете на Влада која систематски ја поткопува демократијата и нејзините институции и која за да ја задржи власта и да ги заштити нејзините функционери, не се колеба да го поткопа секој обид за расчистување на трагедијата со многу жртви, дефокусирајќи ја јавноста и стигнувајќи до точка да фалсификува докази за го гарантира нејзиниот политички опстанок, пишуваат пратениците од четирите опозициски партии.

Во текот на утрешниот ден, а непосредно пред гласањето, расправата во Парламентот ќе кулминира со говорите на лидерите на политичките партии, како и на грчкиот премиер. ср/рп/

Остани поврзан