Продолжува проектот за геоскенирање и контролно сондажно археолошко истражување во селото Ташмаруништа
- Со средства од Министерството за култура и туризам годинава ќе продолжи геоскенирање и контролно сондажно археолошко истражување во атарот на црквата „Св. Архангел Михаил“ во селото Ташмаруништа, соопшти Националната установа Музеј „Доктор Никола Незлобински“ од Струга.

Струга, 7 април 2025 (МИА) - Со средства од Министерството за култура и туризам годинава ќе продолжи геоскенирање и контролно сондажно археолошко истражување во атарот на црквата „Св. Архангел Михаил“ во селото Ташмаруништа, соопшти Националната установа Музеј „Доктор Никола Незлобински“ од Струга.
Проектот „Геоскенирање и контролно археолошко истражување во село Ташмаруништа“, како што појасни за МИА директорката на установата Цветлана Василевска, почнал да се реализира во 2023 година, по дојава од месното население за појава на движен и недвижен археолошки материјал во атарот на црквата „Свети Архангел Михаил“.
- Во атарот на црквата и претходно се вршени археолошки истражувања во североисточниот дел каде има зарамнето плато на кое при изградбата на задружните штали во 1950 година биле откриени гробови градени од тегули – тип „на две води“. Во нив имало керамички садови и други прилози и делови од античка водоводна мрежа, истакна Василевска.
Археолошки истражувања биле почнати во 2009 година под раководство на академик Вера Битракова Грозданова, кога биле откриени делови од водоводни канали на места со траги од покривни конструкции.
- Југоисточно од црквата откриени се и повеќе ѕидови кои формираат две сакрални доцноантички градби една врз друга од постар и помлад објект. Во состав на просториите на овие објекти откриен е богат движен археолошки материјал. Во близина на овој локалитет на околу 400 метри оддалеченост со истражувањата во 2009 година е откриена богата железновременска некропола-тумул (лок. Голача), а на помалку од километар е откриена ранохристијанската базилика Св. Мартинија што ни сведочи за богатата културна историја на овој предел, додаде Василевска.
Според неа, најпрво било направено геоскенирање, како современ, недеструктивен и неинвазивен метод за истражување и презентација на движното и недвижното културно наследство.
- Со ваквата проспекција која овозможува препознавање на природните и археолошките подземни аномалии без било какво пореметување во земјата беа добиени точни резултати во однос на тоа дали на просторот кој е предмет на истражување постојат архитектонски остатоци под земја, па според тоа стана јасно дека има потреба од археолошко ископување на локалитетот со цел да се утврдат неговите точни граници и да се потврди неговото значење, рече директорката на струшкиот Музеј.
Проектот „Геоскенирање и контролно археолошко истражување во село Ташмаруништа“ е дел од годишната програма на Министерството за култура и туризам за 2025 година. сс/мд/
Фото: Музеј „Доктор Никола Незлобински“