• петок, 27 декември 2024

Комисиска расправа за избор на член на ДИК

Комисиска расправа за избор на член на ДИК

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) – По објавената пауза поради тензичната атмосфера, треба да продолжи седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, на која се расправа за утврдување на кандидатот за член на Државната изборна комисија, Абдуш Демири, поддржан од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени и Зулфи Адили подржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа, се кандидати за член на Државната изборна комисија.

Пратениците членови од албанската опозициска коалиција повторија дека според Изборниот законик ним им припаѓа испразнетото место во ДИК. Потенцираа дека целата јавност знае дека кандидатот Зулфи Адили е член на Алијансата за Албанците и посочија дека тоа е незаконско. Обвинија дека претседателот на Собранието Талат Џафери со ваквата постапка, ги крши законите и посочија дека целта му е да го блокира процесот. 

-По изборот на поранешниот член на ДИК на министерска функција Кренар Лога имал рок од 30 дена да почне постапка. Тоа обврска на претседателот на Собранието, но тој тоа не го направи. Тој тоа не го направи, па требаше ние како пратеници да му кажеме дека имаме непополнет состав на ДИК и како таков треба да се комплетира. И тука после почнува Одисеја на блокади и опструкции од претседателот на Собранието и на претседателката на Комисијата за именувања и избори, истакна пратеникот на Движењето Беса и дел од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени, Фадил Зендели.

И пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека законот е јасен и дека овој член во ДИК припаѓа на опозициски партии што учествувале на последните избори и имаат повеќе пратеници. Посочија дека целта на власта не е да се избере член на ДИК, туку да го блокираат целиот процес. 

-Целта и на претседателката на Комисијата и на парламентарното мнозинство со самото тоа што предлагаат двајца кандидати, не е за да се избере член, туку ДИК да остане без избран член и со самото тоа да биде за првпат македонската историја на плурализмот. Ние сме имале разни кризи – политички, собраниски, безбедносни, меѓупартиски и какво и да биле други, но сме ги надминувале на еден или друг начин. Никогаш не се случило на избори да имаме нецелосна Државна изборна комисија, односно власта да манипулира со избор на член на ДИК кој припаѓа на опозицијата. Ако власта сака да и удоволи на Алијансата за Албанците и заради тоа што ги поддржуваат како владин партнер да имаат член во ДИК, тогаш може или ДУИ или СДСМ да отстапат и едно место нека припадне на Алијансата и тие нека си имаат свој член во ДИК. Беспредметно е да се дискутира дека ДИК треба да има четири членови од владејачкото мнозинство што ги има и треба да има три членови од опозицијата, а моментално има две и третиот се знае и не треба астронаутска математика за да се пресмета на која политичка опција или коалиција припаѓа тоа место во ДИК, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Претседателот и пратеник на Алтернатива, Африм Гаши денеска на прес-конференција истакна дека ќе го бојкотираат работењето на Собранието доколку до 31 декември не биде изгласан нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија Абдуш Демири.

-Доколку до 31 декември не биде изгласан нашиот кандидат за член во ДИК ќе го бојкотираме Собранието. Најпрвин нема да учествуваме во работата на Собранието, нема да присуствуваме ниту на седниците на комисиите ниту на Пленумот и ќе алармираме и кај граѓаните и кај меѓународниот фактор. После 31 декември освен бојкот на Собранието, ќе ги преземеме сите демократски мерки нашето право да дојде на свое место – да го имаме нашиот член во ДИК. Ќе ги објавиме нашите планови и мерки што нема да се исполни условот до 31 декември, рече Гаши.

Кога е јасен законот, потенцира Гаши, не можете се да терате на сила, затоа што, како што рече, имате еден глас повеќе во Комисијата за именувања и избори.

По утврдувањето на кандидатот, тој треба да се гласа на седница на Собранието. Член на Државната изборна комисија се избира со двотретинско мнозинство.

По именувањето на Кренар Лога за министер за правда едно место во ДИК остана испразнето. фф/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан