• четврток, 26 декември 2024

Продолжува собраниската расправа за ребалансот на Буџетот

Продолжува собраниската расправа за ребалансот на Буџетот
Скопје, 13 јули 2022 (МИА) - Собранието денеска треба да ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот. Седницата е закажана во 11 часот. Претходните два дена, пратениците изнесоа контра ставови за ребалансот, но разменија и меѓусебни обвинувања. СДСМ повтори дека ребалансот е насочен кон справување со економската криза, дека ќе овозможи продолжување на сите мерки за поддршка, посебно за најранливите категории граѓани, како и дека предвидува кратење на непродуктивните трошења, додека за ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски пратеници, земјава со брз чекор се движи кон рецесија и сиромаштија. Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на првичните проекции на Буџетот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари што е околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарда денари, а економскиот раст е проектиран на 3,2 процента. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од пет проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции. мч/дма/

Остани поврзан