• четврток, 19 декември 2024

Продолжуваат протестите на тутунарите, бараат итна средба со надлежните

Продолжуваат протестите на тутунарите, бараат итна средба со надлежните
Прилеп, 7 декември 2020 (МИА) - По вчерашниот предупредувачки, денеска тутунарите од прилепско беа на протест во центарот на Прилеп и пред откупниот пункт на Тутунскиот комбинат. Тутунарите, велат се решени да не се откажат додека не се реши нивниот проблем и нивните барања: реална процена на родот, без да се обезвреднува. Според Игор Мирчески, од иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“, тие нема да се откажат од решавање на проблемите и нивната мака, а своите барања ги доставиле и до Министерот за земјоделство со кого инсистираат на средба. - Бараме итна средба. Да се решат нашите проблеми, нашите маки. Нема да отстапиме од нашите барања. Ковид-криза е, а ние имаме и финансиска криза. Има луѓе кои го даваат тутунот за 100 денари за да преживеат. А ова мора итно да се решава. Ако можеа пратениците да бидат единствени за средства за партиите, може и за нас да бидат единствени. В среда ќе имаме блокади и бараме поверениците на вагите да го стопираат откупот  поради обезвреднување на нашиот труд, изјави Мирчески. Даниел Ѓорѓиески, тутунопроизводител нагласува дека нема да го дава тутунот под 200 денари. - Цела година работиме, цел род сакаат да го земат трета и четврта класа и со дополнителните. Сите сме работеле, и децата. Под 200 денари за килограм ништо не е реално, вели Ѓорѓиески. Тутунарите најавуваат блокади во среда. ем/аа/

Остани поврзан