• среда, 18 декември 2024

Продолжуваат преписките меѓу Иницијаторите за смена на Антиќ и првиот човек на кошаркарската федерација

Продолжуваат преписките меѓу Иницијаторите за смена на Антиќ и првиот човек на кошаркарската федерација

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) – Во пресрет на редовното годишно Собрание на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, продолжија преписките меѓу иницијаторите за смена на Перо Антиќ од претседателската функција и самата федерација.

Најпрво беше испратено соопштение до медиумите од Иницијативен одбор за смена на Антиќ. Во него се тврди дека тој доби мандат со гласови на татко му, братучеди, пријатели и лица вработени во федерацијата.

- Ова соопштение го испраќаме како одговор на соопштението на КФСМ и на нелигитимниот претседател Перо Антиќ. Претседателот во заминување го гласале татко му, кумовите, братучедите и вработените во КФСМ на кои тој им е претпоставен. Флагрантен пример на кршење на статутот на КФСМ е учеството на Генералниот секретар на Собранието како делегат/претставник на клуб кој гласа по сите точки на дневниот ред. Доколку мисли Перо Антиќ дека ја има довербата на клубовите, нека не се плаши. На претстојното Собрание зборот ќе го имаат клубовите а не неговите роднини и пријатели – се вели во соопштението од Иницијативниот одбор.

Следуваше одговор од кошаркарската федерација нарекувајќи ги лицата од Иницијативниот одбор скијач, комарџија, пропаднат кошаркар од јужниот дел на Македонија итн. 

- Јасно е дека тие што ги изнесуваат невистините написи и ги пласираат во јавноста како скандалозни не го познаваат доволно, ако и воопшто деловникот за работа на Собрание на КФСМ. Кандидат за Претседател на Кошаркарска Федерација мора да биде писмено предложен од десет претставници на членките на Собранието. Предлогот мора да содржи име и презиме на кандидатот и да биде заверен од страна на членот на Собранието кој го предлага како кандидат. Преставниците на членките со право на глас на федерацијата, клубови и комисии, ги стекнуваат правата и должностите како преставници во Собранието со верификација на приложено оверено полномошно, со печат на претставникот и потпис на одговорното лице. Полномошното го даваат по своја волја, се вели во дел од соопштението на КФСМ.

Собранието на федерацијата е закажано за утре (18 декември). зс/

Фото: КФСМ

Остани поврзан