Продолжи сослушувањето сведоци за поставената спомен плоча на зградата на Општина Струга
- Спорната плоча поставена на левата страна од влезот на Општина Струга не била внесена во регистерот на спомен обележја во Општината, ниту била предвидена во програмата за одбележување значајни настани и личности со спомен обележја, донесена од Советот за периодот 2023 до 2028 година, покажал вонредниот инспекциски надзор извршен на 13 март минатата година.

Струга, 9 март 2025 (МИА) - Спорната плоча поставена на левата страна од влезот на Општина Струга не била внесена во регистерот на спомен обележја во Општината, ниту била предвидена во програмата за одбележување значајни настани и личности со спомен обележја, донесена од Советот за периодот 2023 до 2028 година, покажал вонредниот инспекциски надзор извршен на 13 март минатата година.
Ова го истакна Маја Митеска, виш инспектор во Министерството за култура, во својство на сведок на обвинителството на денешното судско рочиште, што се води во Основниот суд во Струга против градоначалникот Рамис Мерко за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда.
За тој прекршок, како што појасни, била изречена глоба за Општината и градоначалникот, која била платена.
Инспекцискиот надзор, потврди, констатирал дека на левата страна од влезот на Општинската зграда била поставена плоча, испишана на албански јазик „Основно училиште Битолски конгрес, 1 септември 1941 година“.
За Елисавета Кочоска Велјаноска, советник од редовите на ВМРО - ДПМНЕ во општинскиот Совет, поставената плоча била тенденциозна, бидејќи го величела фашизмот, односно се глорифицирало нешто што ги повредува чуствата на македонците.
- Тука се работи за незаконско поставување табла-спомен обележје, на објект кој е споменик и заштитено од Министерството за култура и Заводот за заштита на споменици. Содржината на плочата не вознемири сите како граѓани, бидејќи тоа е еден период, кој го глорифицира фашизмот. Многу сензитивен период посебно за западниот дел на Македонија, рече Кочоска Велјаноска нагласувајќи дека и покрај поврдените чуства немало немири, за како што подвлече, бидејќи стружани се мирољубив народ.
Како градоначалник на Општина Струга, Мерко во март минатата година, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот.
Судечкиот судија Јордан Јованов кажа дека во оваа постапка сеуште се изведуваат вербални докази на обвинението.
- Продолжуваме со вербалните докази на обвинението, понатаму ќе видиме што ќе прифатиме од одбраната, ако се тече по планот и тоа би било при крај, изјави Јованов.
Во Основниот суд во Струга денеска заврши сослушувањето сведоци во судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на автомобилот „Ауди А6“. Пресудата за овој случај се очекува во јуни годинава.
Мерко е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено девет обвиненија за несовесно работење во службата. сс/цр
Фото: МИА