• сабота, 23 ноември 2024

Продолжи снимањето на филмот „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума

Продолжи снимањето на филмот „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума

Скопје, 16 април 2024 (МИА) - Во Скопје денеска почна третата недела од снимањето на долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума. Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Филмот се снимаше во СУГС „Браќа Миладиновци“ во населбата Драчево.

Ова е филм којшто следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12-годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата. 

Локациите на снимање се на територија на Скопје. Главните улоги ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. 

Сценариото е на Дина Дума, коавтори се Лидија Мојсовска и Теона Митевска, директор на фотографија Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминка Мојца Горогранц-Петрушевска, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.

Режисерката Теона Митевска денеска на почетокот на снимањето изјави дека целото снимање на филмот се одвива во нашата држава.

-Имаме многу интернационална екипа, што ни е особено драго. Целото снимање се одвива во Македонија, со екипа од овие четири земји. Монтажата се случува во Белгија, во Брисел и дел од постпродукцијата, освен во Белгија, се случува во Хрватска и во Словенија, додаде Митевска.

Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија, Хрватска и од Еуроимаж.

Директорот на Агенцијата за филм Владимир Ангелов се надева дека снимањето ќе тече без проблеми и дека ќе имаме успешен филмски производ.

- Се надевам дека снимањето до крај ќе тече мазно, мирно и тивко без проблеми и дека ќе имаме успешен филмски производ, како и досегашните производи што доаѓале од вашата работилница. Интересно е што филмот е повеќе од 100 отсто финансиран од страна, така што ова е еден позитивен пример како треба да се затвора брзо и ефикасно финансиска конструкција на еден филмски проект, рече Ангелов.

Филмот го започна снимањето на 2 април оваа година. бт/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан