• среда, 25 декември 2024

Продлабочување на соработката со Естонија во областа на геологијата и рударството

Продлабочување на соработката со Естонија во областа на геологијата и рударството

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Геолошкиот завод беа домаќини на работен состанок со делегација од Естонија, во чиј состав се истакнати експерти од геолошката и рударската област. Фокус на состанокот, како што соопшти Министерството, беше размената на идеи и иницијативи за продлабочување на соработката, како и споделувањето добри практики во регулирањето и развојот на овие сектори, со акцент на зајакнување на правната рамка и институционалната размена на знаења.

Министерката Сања Божиновска истакна дека Македонија е решена да ги унапредува регулаторната рамка и практиките во рударството и геологијата, со цел исполнување на највисоките европски стандарди и одржлив развој на индустријата.

-Наш приоритет е да изградиме отпорен и одржлив рударски сектор, усогласен со нашите еколошки и економски цели, рече министерката Божиновска.

Претставникот на естонската делегација, Сирли Сип Кули, директор на Геолошкиот завод во Естонија, изрази воодушевување од македонската регулаторна рамка во оваа област.

-Навистина сме импресионирани од силната правна рамка која Македонија ја има воспоставено во овој сектор. Се надеваме дека ќе ги искористиме вашите искуства за подобрување на нашето законодавство во областа на геологијата и рударството, рече Кули.

Министерката Божиновска се заблагодари на посетата и на можноста за размена на знаења и искуства, нагласувајќи ја посветеноста на Македонија на развој на геолошката и рударската индустрија со одговорен и одржлив пристап. 

-Соработката и споделувањето експертиза и најдобри практики ни помагаат да ги постигнеме нашите цели и да придонесеме кон економскиот раст и развој на нашата земја, рече министерката, истакнувајќи дека очекува оваа соработка да прерасне во континуирана размена на знаења и искуства во иднина.

На работниот состанок, освен претставници на Министерството и Геолошкиот завод, присутни беа и претставници на Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, Македонско геолошко друштво и претставници на Факултетот за природни и технички науки од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.

Естонската делегација, во рамките на својата посета, изврши теренска обиколка на рудникот „Боров Дол“, каде што беше запознаена со активностите и инфраструктурата на локацијата.

-Овој значаен објект претставува пример за успешна интеграција на одржливо рударство и заштита на животната средина, овозможувајќи им на гостите да се запознаат со тековните еколошки практики кои ги спроведува Македонија во рударскиот сектор, наведува Министерството.

За време на посетата двете делегации разговараа и за можностите за заеднички проекти во областа на геолошките истражувања, развој на нови технологии во рударството и иницијативи за заштита на животната средина. Тие изразија заедничка подготвеност за продолжување на соработката и за размена на знаења и ресурси, со цел унапредување на оваа стратешка област за двете земји.

-Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува отворено за нови иницијативи и соработки кои ќе овозможат дополнително зајакнување на секторот за геологија и рударство, со придонес кон економскиот и еколошкиот развој на земјата, се наведува во соопштението. мч/дма/

фото: Министерството за енергетика

Остани поврзан