• вторник, 12 ноември 2024

Прогноза на резултатите од евроизборите во Грција (exit poll): Нова демократија со убедлива предност 

Прогноза на резултатите од евроизборите во Грција (exit poll): Нова демократија со убедлива предност 

Атина, 9 јуни 2024 (МИА)  – Нова демократија со убедлива победа пред СИРИЗА, ПАСОК на третата позиција, покажуваат резултатите од објавените exit poll, односно процените за изборниот резултат на европските избори во Грција од агенциите за рејтинг во соработка со грчките телевизии, јави дописничката на МИА од Атина.

Приватните телевизии Мега, Скај, Стар, Антена, Алфа и Опен и државната ЕРТ, веднаш по затворањето на гласачките места, точно во 19 часот по локално време, објавија заеднички exit poll. 

Резултатите од 80 отсто преброени exit poll за приватните телевизии се дека секоја од партиите би добила: 

Нова демократија од 28 до 32 отсто

СИРИЗА од 15,2 до 18,2 отсто

ПАСОК од 10,9 до 13,9 отсто

Комунистичка партија од 7,9 до 10,3 отсто

Грчко решение од 7,6 до 10 отсто

Победа од 2,9 до 4,9 отсто

Курс на слободата од 2,6 до 4,6

Нова левица 1,3 до 2,7 проценти

За една партија да обезбеди влез место во Европскиот Парламентот потребно е да добие минимум три отсто од гласовите. 

Грција денеска одбира 21 претставник во Европскиот Парламент, а според процените на агенциите, со 80 проценти од преброени exit poll, Нова демократија би добила седум или осум пратеници, СИРИЗА четворица, ПАСОК тројца, Комунистичката партија и Грчко решение по двајца. 

Сепак, станува збор за процени на агенциите за рејтинг, а не за официјални резултати. 

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, коешто е и надлежно за пребројување на гласовите, се очекуваат околу 21 часот по локално време. 

На европските избори во 2019 година Нова демократија доби 33 отсто од гласовите и осум европратеници, СИРИЗА беше втора со 23,75 проценти и шест пратенички места, ПАСОК, Комунистичката партија и Златна зора имаа по двајца европратеници, а Грчко решение еден претставник во Европскиот Парламент.

На ланските парламентарни избори, Нова демократија освои 40,56 отсто, СИРИЗА доби 17,83 проценти, а ПАСОК 11,84 проценти. ср/са/

 

Остани поврзан