• среда, 25 декември 2024

Приштина го „конкретизираше“ ветувањето, во писмо до Советот на Европа се обврза на воспоставување на ЗСО

Приштина го „конкретизираше“ ветувањето, во писмо до Советот на Европа се обврза на воспоставување на ЗСО

Приштина, 16 мај 2024 (МИА) - Во писмото до претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Владата на Косово се обврза да подготви нацрт-статут за Заедницата на српски општини (ЗСО), односно за здружување на општините со српско мнозинство.

„Владата на Република Косово во писмото се обврзува да подготви нацрт за воспоставување механизам за самоуправување, координација и соработка на општините со српско мнозинство на Косово, кој ги исполнува наследените меѓународни обврски на Косово, ги исполнува потребите на граѓаните на српската заедница на Република Косово, но во исто време го почитува Уставот во целина, како и секој негов детал, и сите закони на Република Косово, како и принципите на Советот на Европа“, објави Mинистерката за надворешни работи на Косово, Домника Гервала на својот Фејсбук профил.

Предлог-статутот на здружението на општините со српско мнозинство, додаде таа, служи на целта на владата за интегрирање на заедниците, но и за спроведување на законите на Косово во сите општини. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан