• среда, 27 ноември 2024

Притвор за татко и син заради дрога и оружје

Притвор за татко и син заради дрога и оружје
Скопје, 29 септември 2020 (МИА) - Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе наредба за спроведување на истражна постапка против две лица, татко и син на возраст од 56 и 33 години, поради основано сомнение дека како соизвршители ги сториле кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и  „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи“. Од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија вечерва соопштија дека во координирана акција и извршен претрес, на 28 септември 2020 година, во планински предел кај место викано Јаворица во близина на викенд куќа во сопственост на осомничените, пронајдени се 65 стебла од растението канабис сатива со чија обработка се добива наркотичната дрога марихуана. - Осомничените, татко и син, неовластено заради продажба го произведувале растението, за што обезбедиле и опрема за наводнување и обработка на насадите. При претресот, пронајдено е и оружје кое осомничените неовластено го држеле и тоа 8 патрони – 12 мм за ловечка пушка, 38 куршуми калибар 7,9 мм и затворач за пушка М-48 и ловечка пушка марка Црвена Застава Крагуевка со калибар 12 милиметри, се појаснува во соопштението. Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, а поради постоење на опасност од бегство на осомничените и опасност тие да ги повторат кривичните дела, се подвлекува во соопштението, јавениот обвинител до надлежниот суд достави предлог за определување на мерката притвор за двајцата осомничени. - Судијата на претходна постапка при Основниот суд Кавадарци го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничените им е определен притвор во траење од по 30 дена, информираат од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.​ цр/ир

Остани поврзан