• петок, 27 декември 2024

Притвор за осомничен дилер на дрога во Велес

Притвор за осомничен дилер на дрога во Велес

Скопје, 8 јули 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишен велешанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 од Кривичниот законик. На предлог на обвинителството, Судот на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена. 

Во близина на неговиот дом, но и во шкаф на работното место во една фабрика, осомничениот држел вкупно 444,4 грама наркотична дрога – марихуана, спакувана во неколку пакувања, како и помало количество амфетамин. Полицијата при претресот одзела и една дигитала вага од осомничениот, се посочува во соопштението од Обвинителството. 

Бидејќи постојат околности кои укажуваат дека има реална опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, можност тој да влијае врз сведоците во постапката или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена. ев/

Остани поврзан