• среда, 13 ноември 2024

Притворени четири лица од криминалната организација на Крит за трговија со бебиња и нелегални посвојувања

Притворени четири лица од криминалната организација на Крит за трговија со бебиња и нелегални посвојувања

Атина, 14 август 2023 (МИА) – Мерка притвор им е одреден на четворица од осумтемина уапсени на грчкиот остров Крит за криминалната организација која злоупотребувала жени како донори на јајце клетки или сурогат мајки, за измами на пациенти преку лажни ин витро и за посредување при нелегални посвојувања на бебиња, јави дописничката на МИА од Атина. 

Криминалната организација беше разбиена минатата седмица, а уапсените вчера беа изведени пред истражен судија на Крит.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, меѓу притворените е и лекарот, сопственик на приватната клинка за асистирана репродукција.

Како што објави МИА минатата седмица, од грчката полиција соопштија дека од декември 2022 година, биле евидентирани најмалку 182 случаи на експлоатација на жени со отстранување на јајце клетки и сурогат мајчинство, а биле откриени над 400 случаи на измами преку лажни ин витро.

Криминалната организација дејствувала преку регрутирање жени од Крит , Солун, но и од странство, кои имале улога на посреднички и биле задолжени за пронаоѓање жени, странски државјанки кои се во ранливи положби за да ги користат како донори на јајце клетки или сурогат мајки за „клиентите“ на организацијата од целиот свет, односно парови кои не можат да имаат деца или истополови парови кои законски не ги исполнуваат условите за посвојување. ср/сд/

Остани поврзан