• среда, 18 декември 2024

Присутна габа кај питомиот костен во Споменикот на природата Вевчански извори

Присутна габа кај питомиот костен во Споменикот на природата Вевчански извори

Вевчани, 11 декември 2024 (МИА) - Присутност на габата Cryphonectria parasitica кај питомиот костен во заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански извори, покажа истражувањето за здравствената состојба на дрвото реализирнао од професор Кирил Сотировски и доцент Михајло Ристески од Факултетот за шумарски науки во Скопје.

Резултатите денеска ги презентираше Еко - свест по повод Меѓународниот ден на планината 11 декември.

Целта на истражувањето, како што соопшти Еко-свест Вевчани, била проценка на здравствената состојба на популацијата на питом костен во Споменикот на природа Вевчански извори, со особено внимание на болеста „рак по костенот“ предизвикана од габата Cryphonectria parasitica. Во рамките на проектот, биле реализирани активности за идентификација и проценка на здравствената состојба на стеблата на питомите костени, како и собирање примероци од кората на стеблата за понатамошна лабораториска анализа.

- Преку овие истражувања беше утврдена присутноста на габата Cryphonectria parasitica и степенот на инфекција, а исто така беа изготвени препораки за можни мерки за заштита. Беа изработени едукативно видео и едукативна брошура, кои нудат детални информации за значењето на питомите костени, нивната улога во природниот екосистем и придобивките што ги носат за локалното население. Овие ресурси имаат цел да ја зголемат свесноста за важноста на заштитата на овој вид и да ги поттикнат луѓето да се вклучат во нивна заштита и одржливо користење, информира Еко-свест Вевчани.

Активностите се спроведени како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански извори“ спроведуван од Еко-свест, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT). сс/хс/

Фото: Еко свест

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан