• недела, 01 септември 2024

Пристигнаа 120 вакцини против Ковид-19 во штипскиот Здравствен дом

Пристигнаа 120 вакцини против Ковид-19 во штипскиот Здравствен дом
Штип, 30 Март 2021 (МИА) - Во Штип доцна вечерва пристигнаа 120 вакцини на „Астра Зенека“, со коишто ќе се вакцинираат граѓаните над 77 години. Директорката на Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип, Снежана Трајковска вели дека пунктовите се спремни и се отвораат утре од 8 часот. Од утре до петок пациентите над 77 години, кои се пријавени преку матичните лекари ќе се вакцинираат до 14.30. Трајковска забележува дека сите термини се пополнети до петок, а за наредната недела ќе добијат нови упатства и нови вакцини. -Се реорганизравме, во една смена на пунктот треба да имаме по двајца лекари и администратори и три сестри. Значи за двете смени кога би имале вакцини треба да имаме четворица доктори, четворица администратори и шест медицински сестри, вели Трајковска. Таа посочува дека доколку има масовна имунизација на населението, тимот е подготвен дневно да аплицира вакцини на 400 пациенти. Вакцинацијата против Ковид-19 ќе се реализира во просторите на Здравен дом, а влезот е од страната на паркинг просторот, кој е во близина на хотелот Гарни. Има и патокази и стрелки коишто граѓаните треба да ги следат, бидејќи вакцинацијата е на вториот кат. Пациентите кои ќе дојдат на вакцинација мора да носат маска, волонтери на штипскиот Црвен крст на влезот ќе им ја мерат телесната температура, потоа се потполнува формулар и се оди во пунктот, каде што ќе има краток разговор со лекарот по што ќе следи апликација на вакцината. По примената вакцина се препорачува околу 15 минути да се биде присутен во близина на пунктот.вдј/ир

Остани поврзан