• среда, 27 ноември 2024

Припадници на МО и Армијата и нивни семејства добија сопственост на станови од фондот на поранешната ЈНА

Припадници на МО и Армијата и нивни семејства добија сопственост на станови од фондот на поранешната ЈНА
Скопје, 26 јули 2022 (МИА) – Четириесетина семејства на припадници на Армијата и Министерството за одбрана (МО) кои се корисници на станови што потекнуваат од станбениот фонд на поранешната ЈНА или се добиени по пат на замена на недвижен имот што потекнува од ЈНА денеска се стекнаа со сопственост на нивниот имот. Договорите за откуп и сопственост на станови од поранешниот фонд на ЈНА им ги врачија министрите за одбрана и за транспорт и врски, Славјанка Петровска и Благој Бочварски. Само пред една година беа соопштени постапките и условите за поднесување на потребните документи согласно законското решение предложено и изработено од министерствата за одбрана и за транспорт и врски и усвоено од Собранието, а денеска е решено дводецениското прашање и повеќегодишната неизвесност на четириесетина семејства. Во тек е решавање на станбеното прашање за уште 14-тина семејства од истиот фонд кои заради подолгите административни процедури и обезбедување на соодветна документација се уште не се решени. Министерката за одбрана Петровска даде уверување дека многу набрзо и тие ќе бидат решени позитивно. -Сега сте свои на своето. Така се создава силна Армија. Така се мотивираат припадниците да бидат уште подобри и уште попосветени во своите задачи. За празни зборови и неиздржани ветувања во Армијата едноставно место нема, порача Петровска по врачувањето на договорите. Нагласи дека на оние припадници на Армијата кои немале можност да добијат стан од овој Фонд, Министерството за одбрана  им исплаќа месечен станбен надоместок од 9.000 денари затоа што, како што рече, секој припадник на Армијата е подеднакво важен. -Со ваквите мерки кои се предвидени овозможуваме да не постои дискриминација помеѓу нашите војници.  На припадниците на Армијата и на Министерството кои денес ги добија овие договори сакам да ви се заблагодарам за истрајноста и трпеливоста сите овие години и вам и на вашите колеги да ви порачам Министерството секогаш ќе биде ваша поддршка, порача Петровска. Министерот Бочварски посочи дека Владата е подеднакво фокусирана на решавање на статусот на сите граѓани кои од какви било причини досега немале можност да го решат станбеното прашање. -Денеска за сите овие лица неизвесноста што траеше со децении и децении наназад станува вистинска можност да си ги откупат становите и конечно да го решат станбеното прашање. Се работи за Закон којшто е донесен во Собранието во 2021 година, а се однесува на лица вработени во Министерството за одбрана и Армијата или поранешни вработени да може да ги откупат становите доделени од поранешната ЈНА, станови кои им биле доделени на користење на овие лица без претходно да може да се стекнат со право на сопственост, рече Бочварски. Имавме многу отворени прашања како да го решиме ова, додаде Бочварски и напомена дека секогаш доаѓале на крајот до ист заклучок, дека овие лица заслужуваат статус на сопственици на становите кои живеат и по 30-ина и повеќе години во нив, а заради поделбата на тогашните републики им се скратило правото и можноста да остварат право на сопственост. Како што истакна согласно Законот право на откуп имаа лица кои имаат решение за доделување на користење на станови, а кои се наши државјани или се вработени во Министерството за одбрана или Армијата и лица кои по пат на спогодба помеѓу Министерството за одбрана и друго правно лице засновале работен однос кај друг работодавач, а во Министерството, односно Армијата работеле најмалку 10 години или стекнале право на пензија, лица од семејство домаќинство на корисникот на станот доколку корисникот е починат, а поседуваат соодветен документ за поседувања. -Продажната цена на станот е утврдена врз основа на градежната вредност, трошоците за утврдување на градежното земјиште, местоположба, амортизација на станот, цената ја утврдува АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, рече Бочварски. вј/свс/

Остани поврзан