• понеделник, 18 ноември 2024

Припадниците на Армијата активно вклучени во гасењето на пожарот во Кокино

Припадниците на Армијата активно вклучени во гасењето на пожарот во Кокино
Куманово, 3 август 2021 (МИА) - Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ги посети припадниците на Армијата, кои на Кокино беа ангажирани во справувањето со пожарот и упати благодарност до нив, до сите припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и доброволците, луѓето од општина Куманово. Таа порача дека само заедно можеме да се справиме со ова, како што рече, сериозно загрозување и на животот и на здравјето на нашите граѓани и на убавата природа. Министерката Шекеринска најави дека со одлуката на Претседателот на државата и врховен командант повеќе од 1000 припадници на Армијата се подготвени да се вклучат таму каде што треба. Потсети дека припадниците на Армијата веќе се присутни на 13 локации за да помогнат во напорите за справување со пожарите од воздух, но и многу сериозно, подвлече, да помогнат на терен каде се води главната битка. Денеска на Кокино беа присутни припадници на Армијата од повеќе единици кои заедно со останатите ангажирани сили се справуваа со огнот. Генерал Бесник Емини, командант на Командата за операции наведе дека веднаш по одлуката на врховниот командант и во координација со Министерството за одбрана, припадниците на Армијата уште од раните утрински часови се ангажирани во справување со огнот. - Досега учествуваа на три локации, сега се повлечени поради најавените ризици и дејствувањето на воздухопловните сили, изјави Емини и додаде дека Армијата е распоредена на 13 локации. Полковник Стојко Пејовски, командант на воздухопловниот ВИНГ, информира дека се ангажирани на две локации, утрово се гасел пожарот во Кочани, а во моментов се очекува да се ангажираат хеликоптерските единици за гасење на пожарот во реонот на Кокино. - Во текот на денешниот ден ќе ја пратиме состојбата и во однос на тоа, така и ќе донесуваме одлуки во системот на реализација на справување со оваа непогода, рече полковник Пејовски. Полковник Сашко Лафчиски, командант на првата механизирана пешадиска бригада, прецизира дека се дејствува во зоната на одговорност на првиот баталјон. Тој информираше дека веднаш по настанување на пожарот, триесетина припадници кои гравитираат на ова подрачје контактирале со противпожарната единица и почнале да го гасат пожарот, утрово била извршена смена и сега 60 припадници дејствуваат на Кокино во правец на североисток. - Во селото Арбанашко имаме 30 припадници кои се грижат огнот да не се прошири кон куќите, рече Лафчиски. Според него, состојбата е стабилна, но на неколку места, посочи, сè уште чади и доколку дојде до разгорување, веднаш ќе се реагира. Министерката Шекеринска посочи дека се очекува помош од сојузниците во справувањето со пожарите. – Навистина ми е драго што некои мои колеги во раните утрински часови многу брзо реагираа позитивно и после првични најави за помош од Србија и Бугарија, одговор добивме и од страна на Словенија, а се очекува и од страна на други земји од нашето соседство, што покажува дека како соседи можеме да си помогнеме, рече меѓу другото Шекеринска. Според неа, ова покажува исто така голема солидарност и од страна на нашите соседи и од страна на нашите сојузници. Ова е зло и оваа огнена стихија, истакна Шекеринска, за жал го обедини целиот Балкан, па и поширокиот регион. Се осврна и на пожарите во Турција, Грција и Албанија. Владата, информира таа, ќе забрани неколку дена движење во овие предели, но исто така, како што рече, треба да ги подобриме и нашите системи за заштита и спасување. – Армијата и овој пат покажа дека не си ја бира задачата, буквално е таму каде што е најтешко, таму каде што ризикот е голем се вклучува и помага, изјави министерката Шекеринска. ам/цр/

Остани поврзан