• недела, 24 ноември 2024

Приоритетите на француското претседателство на состанокот на Дендиас и Варвициотис со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ

Приоритетите на француското претседателство на состанокот на Дендиас и Варвициотис со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ
Атина, 17 јануари 2022 (МИА) – За грчко- турските односи, предизвиците во надворешната политика, но и за Балканот информирал шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на работниот појадок организиран од амбасадата на Франција во Грција по повод француското претседателство, а на која присуствуваа амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина. По состанокот, Дендиас рече дека разговарале за приоритетите на француското претседателство, а ја истакна и билатералната соработка меѓу Париз и Атина. -За време на нашата дискусија со амбасадорите на ЕУ, се осврнав на предизвиците со кои се соочува нашата земја, на проблемите на Балканот, но особено на ескалацијата на турската реторика, која веќе премина на друго ниво, на ниво на директно оспорување на суверенитетот на Грција над островите во источниот дел на Егејско Море, рече Дендиас. На состанокот присуствуваше и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтијадис Варвициотис, кој рече дека „Франција е една од земјите што се во срцето на европските случувања и со политички иницијативи ја поддржуваат Европската унија“. Тој изрази поддршка и за француските предлози, истакнувајќи дека приоритетите на Франција, „особено стратешката агенда на Европа, зелената транзиција, ревизијата на Пактот за стабилност и усвојувањето на заедничката спогодба за миграција и азил“ се главните прашања кои се однесуваат на европската иднина. - Грција ќе помогне во иницијативите што ќе ги преземе француското претседателство за зајакнување на нашата заедничка визија за посилна и пообединета Европа, истакна Варвициотис. ср/паг/

Остани поврзан