• среда, 27 ноември 2024

Принцот Хари: Новинарите на „АНЛ“ се криминалци

Принцот Хари: Новинарите на „АНЛ“ се криминалци

Лондон, 29 март 2023 (МИА) - Британскиот принц Хари денеска сведочеше на судењето меѓу него и други истакнати личности, од една страна, и медиумската групација „Асошиејтед њуспејперс лимитед“ (АНЛ), од друга. Како сведок, даде изјава дека поради кралското семејство, тој морал да го следи правилото „никогаш не се жали, никогаш не објаснувај“ во справувањето со медиумите.

- По смртта на мајка ми во 1997 година, кога имав 12 години, морав да трпам притисок од медиумите, со кои оттогаш имав заладени односи и го следев семејното правило од кое нема отстапување. Ми беше многу тешко да се воздржам од зборување за медиумите, по оние бројни обвинувања, вознемирувања, напади и расистички написи за Меган... А, не е претерување да се каже дека сè тргна надолу кога решив да се преселам од Обединетото Кралство во 2020 година, изјави принцот.

Според сведочењето, работите само се влошиле кога неговата избраничка забременила со нивниот син Арчи... А, додаде и дека има докази дека неговиот мобилен телефон бил хакиран уште претходно.

- Јас не ја поднесувам оваа тужба само за себе, затоа што којзнае колку други членови на (кралското) семејство биле следени на овој начин. Доказите што ги видов укажуваат дека новинарите на „АНЛ“ се криминалци кои имаат посебни овластувања поради нивниот статус на новинари. Британската јавност заслужува да знае сè за ова прикривање, и чувствувам дека е моја одговорност да го направам тоа, нагласи принцот Хари.

Сослушувањето на сведоците ќе трае четири дена, а меѓу луѓето кои ја тужат „АНЛ“ има познати лица, како Елтон Џон и Елизабет Харли.  си/сд/

Остани поврзан