Принцот Хари доаѓа во Лондон, кралот е презафатен за да го прими
- Веројатноста за подолга средба е многу мала, наводно бидејќи распоредот на кралот Чарлс е прилично густ.
Лондон, 30 април 2024 (МИА) - Принцот Хари пристигнува во Лондон, но се чини, нема да се сретне со својот татко, британскиот крал Чарлс. Веројатноста за подолга средба е многу мала, како што пишуваат британските медиуми, наводно бидејќи распоредот на кралот Чарлс е прилично густ.
Хари патува за Велика Британија по повод свеченоста за 10-годишнината од „Инвиктус игрите“. Тој утре ќе биде на богослужбата на благодарност во лондонската катедрала „Сент Пол“, каде што се очекува и принцот да одржи говор.
„Телеграф“ пишува дека кралот најверојатно нема да го прими принцот бидејќи неговата посета се совпаѓа со враќањето на кралот на јавните должности. А, на денот кога Хари ќе дојде во Лондон, Чарлс има средба со премиерот на Англија.
Не се очекува, исто така, Хари да се сретне ниту со Вилијам и Кејт, која се лекува од рак. Инаку, иако е познато дека двајцата браќа се скарани со години, Хари и Меган јавно ѝ испратија поздрави и желби за побрзо оздравување на Кејт кога таа ја објави веста за болеста. си/
Фото: МИА архива