• среда, 27 ноември 2024

Примопредавање на јапонска донација во опрема за јавните здравствени установи

Примопредавање на јапонска донација во опрема за јавните здравствени установи
Скопје, 14 март 2022 (МИА) - Министерот за здравство, Беким Сали заедно со заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада, денеска ги посетија Хируршките клиники по повод примопредавањето нова опрема од социо-економскиот грант од Амбасадата на Јапонија. - Со овој настан, ја заокружуваме првата фаза од социо-економскиот гранд за медицинска опрема во вредност од 813 илјади евра. Ова е програма создадена од јапонската влада наменета за помош за пријателските земји. Поконкретно, станува збор за опрема наменета за третман на пост-ковид пациенти, која се состои од дефибрилатори, електро-кардиограми, анализатори за крв, централни монитори, мобилни рендген апарати, медицински фрижидери и мобилни ехо апарати. Оваа опрема е наменета за дел од универзитетските клиники и тоа Инфективната клиника, КАРИЛ и ГОБ „8 Септември“, соопшти министерот за здравство Сали. Тој посочи дека дел од опремата е веќе инсталирана и ставена во употреба во КАРИЛ и во Инфективната клиника, каде се третираат пациенти со специфична и комплексна пост ковид состојба. А до крајот на годината треба да пристигне и другата опрема која ќе биде инсталирана на другите клиники. - Во следниот период очекуваме да пристигнат три дефибрилатори за КАРИЛ, Инфективна клиника и ГОБ „8 Септември“, како и два мобилни ехо апарати за КАРИЛ и Клиниката за кардиологија, информира Сали. Тој упати благодарност до јапонската амбасада, како и лично до амбасадор на Јапонија, за нивната несебична помош и заложба за унапредување на условите во јавни здравствените установи. - Токму како резултат на успешната соработка со јапонската Влада изминатите три години се вложени повеќе од милион евра за нова опрема во јавни здравствените установи низ државата. Тоа претставува значително зајакнување на капацитетите на установите со нова најсовремена медицинска опрема како и, подигнување на квалитетот на здравствената заштита на повисоко ниво, рече Сали, кој истакна дека само заедно можеме да излеземе од ковид-кризата. Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ истакна дека јапонскиот гранд е уште доказ за успешната и пријателска соработка меѓу Јапонија и Република Северна Македонија. - Набавената медицинска опрема за клиниките од „Мајка Тереза“ и за ГОБ „8 Септември“ во износ од 813 илјади евра, носи директен бенефит за нашата земја и граѓаните, како помош за зајакнување на нашиот здравствен систем и унапредување на здравствените услуги кон нашите граѓани. Пандемијата со КОВИД-19 ја промени глобалната слика на светот, наметна нови правила и потврди дека блиската соработка меѓу земјите е единствениот начин за справување со глобалните предизвици, рече Маричиќ. Тој потенцира дека Јапонија е наш традиционален поддржувач уште од осамостојувањето на државата. - Јапонија е секогаш покрај нас кога ни е потребна помош, како што беше мигрантската криза, кога ни обезбеди 4,7 милиони евра, поплавите во Скопје во 2017 година, кога донираше опрема, како и сега во услови на пандемија. Преведено во средстава, тоа би значело вкупно околу 421 милион евра, пари на даночните обврзници на Јапонија, кои се имплементирани преку финансирање на разни проекти за подобрување на животот на нашите граѓани, рече Маричиќ, кој упати благодарност до Амбасадата на Јапонија, до јапонската Влада и особено до јапонскиот амбасадор во нашата земја Хиронори Савада. Јапонскиот амбасадор, говорејќи на македонски јазик, истакна дека му претставува голема чест што присуствува на церемонијата на која тој ја предава донацијата, со која се зајакнува пријателството меѓу двете држави. - Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да обезбеди подобри услови на граѓаните. Се надевам дека светот што побрзо ќе ја надмине пандемијата и нашите земји ќе имаат посилно партнерство на различни полиња, изјави јапонскиот амбасадор Савада, кој се заблагодари за организацијата на церемонијата за примопредавање на јапонската помош.ир/дма/

Остани поврзан