• четврток, 19 декември 2024

Прилеп го одбележува 3 Ноември - Денот на ослободувањето, ќе се доделат наградите за животно дело

Прилеп го одбележува 3 Ноември - Денот на ослободувањето, ќе се доделат наградите за животно дело

Прилеп, 3 ноември 2023 (МИА) - Со почит за паднатите борци и доделување на третоноемвриските награди, Прилеп ги одбележува празникот на градот и 79 години од ослободувањето.

Делегации на Сојузот на борците, на општината, на АРМ, здруженија и граѓани се поклонија пред споменикот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ методија Андонов Ченто, пред споменикот на идеологот на Револуцијата Кузман Јосифоски Питу, на Могилата на непобедениете и пред споменикот во месноста Песјо брдце каде се воделе завршните борби за ослободувањето на Прилеп.

Прилеп, како град херој има посебна улога во она за што се бореле борците - слободна и независна држава, порача прилепскиот градоначалник Борче Јовчески од светото место на градот - Могилата на непобедените каде се моштите на загинатите борци.

-Борците го покажаа најважното, тоа е пожртвувано да се иозборат за слободна и самостојна Македонија во која ги уживаме сите благодети. Ова е уште еден аманет кој ни го оставаат - како се почитува и како се брани нашата земја. Во ова време-невреме, обременето со кризи треба да бидеме сплотени. Наше е да го развиваме Прилеп и да создадеме подобра иднина, рече Јовчески.

Во чест на празникот на градот, денеска се одржува државно првенство за средните училиште во спортската сала на медицинското училиште „Ѓорче Петров“, ликовен хепенинг на Арт плоштадот во центарот на градот, а вечер на свечена седница на Советот ќе бидат доделени наградите за животно дело и третоноемвриските дипломи и плакети на заслужни поединци и асоцијации. Годинава се тројца добитници на наградата за животно дело: академик Валентин Мирчески, за особен придонес во природноматематичките и биотехничките науки, на примариус д-р Благоја Дамески и на Диме Попоски за особен придонес во музиката, режијата и во филмот. ем/дма/

 

Фото: Локална самоуправа-Прилеп

Остани поврзан