• сабота, 16 ноември 2024

Прилеп ги почна чествувањата за 11 Октомври

Прилеп ги почна чествувањата за 11 Октомври

Прилеп, 10 октомври 2024 (МИА) - Со импровизиран напад на градот и богат огномет Прилеп ги почна чествувањата за 11 Октомври, денот на народното востание и 83 годишнината од почетокот на антифашистичката борба. Во центарот на градот неколку илјади прилепчани се придружија на одбележувањето и богатата програма на камената бина на плоштадот Александрија. Голем дел го посетија и меморијалниот музеј „11 Октомври“, некогашната полициска станица – Участакот со чиј напад на 11 октомври 1941 година беше означен почетокот на народното востание.

-Ова е денот кога ја славиме нашата историја, нашите херои и нашата победа. Победа која не само што означи крај на фашистичката окупација, туку и ги постави темелите на слободна и независна Република Македонија. Денеска, додека стоиме овде, го славиме нивното херојство, но и нашата обврска да продолжиме со нивниот дух. Македонскиот народ ја платил цената за слободата со многу големи жртви. Тоа не е само дел од минатото – тоа е и одговорност за сегашноста и иднината. Нашата битка за заштита на македонскиот идентитет, нашиот јазик и нашата култура не е завршена, порача во своето обраќање пред прилепчани градоначалникот Борче Јовчески.

Утре, на празникот, бројни делегации ќе се поклонат и ќе им оддадат почит на: првиот претседател на пресзидиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, на идеологот на народната револуција, Кузман Јосифоски Питу пред нивните споменици во центарот на градот и пред Могилата на непобедените каде се моштите на загинатите борци. Делегациите ќе им оддадат почит и на 10-те народни херои, загинати во НОБ и Револуцијата чии бисти се во Алејата на народните херои. ем/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан