• петок, 27 декември 2024

Прилепчани бараат поригорозни мерки и повеќе контроли во угостителските објекти

Прилепчани бараат поригорозни мерки и повеќе контроли во угостителските објекти
Прилеп, 21 јули 2020 (МИА) - Почитување на постоечките но и воведување на поригорозни мерки бараат прилепчаните откако прилепското основно јавно обвинителство оформи предмет по допрен глас за викенд забавата со многу млади во ноќен клуб во Прилеп. Од Обвинителството денеска соопштија дека се утврдува фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност. -Основното јавно обвинителство Прилеп оформи предмет по допрен глас поради сомненија дека едно правно лице и едно физичко лице – одговорно лице во правниот субјект сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи од член 206 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството. Оттаму наведуваат дека во услови на прогласена пандемија од Ковид-19, спротивно на законските прописи и пропишаните мерки за заштита, во вечерните часови на 18 јули во правното лице – угостителски објект била организирана забава на која биле присутни поголем број посетители. Постапувајќи по оформениот предмет, надлежното обвинителство издало наредби за утврдување на фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност, како и за обезбедување докази. Од обвинителството денеска ни рекоа дека сѐ уште прибират докази и сослушуваат сведоци. Според анкетата кај помладите прилепчани, признаваат дека не се почитуваат мерките, ама и ја нема дистанцата помеѓу масите во кафулињата. -Не се почитува, нема ниту дистанца, вели прилепчанец. -Треба да се вратат ригорозните мерки. Без тоа не се сфаќа сериозно, особено помеѓу младите кои мислат не е ништо, а бројот на заразените расте, вели млада прилепчанка. Јордан Момироски, претседател на прилепското здружение на угостители „Прилепски меанџии“ смета дека повеќето од 80-тината угостители во градот со околу 700 вработени ги почитуваат мерките. Ситуацијата со викенд-забавата од концерт преминала во забава без контрола. Момироски апелира за почитување мерки и бара поголеми инспекциски контроли.

-Летните забави што се организираат се во рамките на протоколот за концерти. Во моменти, од концерти преминува во забава и почнува да не може да се контролира работата. Тука инспекциските служби да прават контроли. инаку, кафулињата и рестораните во Прилеп горе-доли ги почитуваат мерките. Сопственикот на секој објект одговара за својата работа. Апелирам да се почитуваат мерките според протоколот за работа. Преминавме од прва, во втора и трета фаза. Треба да внимаваме, да има максимална претпазливост и максимално почитување на препораките, изјави Момироски.

Во Прилеп моментално се активни 55 случаи од кои 37 се наоаѓаат на домашно, а 18 лица на болничко лекување. Во домашна изолација и самоизолација се наоѓаат 83 лица. Од почетокот на пандемијата се вкупно 312 заразени од Ковид-19.ем/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан