• вторник, 19 ноември 2024

Прилепското Друштво за наука и уметност одбележа 50 години постоење

Прилепското Друштво за наука и уметност одбележа 50 години постоење

Прилеп, 28 април 2022 (МИА) - Со промоција на два нови труда и со пригодна свеченост, прилепското Друштво за наука и уметност вечерва во градската библиотека „Борка Талески“ одбележа 50 години постоење. Друштвото кое е место на научната мисла и уметноста е формирано 1971 година, а одбележувањето на големиот јубилеј од лани е одложено поради пандемијата.

Силвана Пашоска, претседател на Друштвото за наука и уметност од Прилеп, нагласува дека ова е голем јубилеј и опстојува поради ентузијазмот и тимската работа на научните и стручни работници. Моментално се 170 членови на друштвото, 18 се придружни, а 36 почесни.

- Друштвото за наука и уметност од Прилеп е едно од двете, заедно со битолското, кои се активни во земјава. Педесет години опстојување во различни економски и политички времиња, проблеми и турбuленции, но ДНУ сѐ уште опстојува, благодарение на тимската работа на сите научни и стручни работници, на сите уметници. Имаме и нови членови, што е значајно, бидејќи друштвото се проширува. Оваа година го прошируваме со 14 нови члена, сите се магистри, доктори на науки, уметници, секој докажан во својата област. Друштвото за наука и уметност е светилиште на научната мисла и на уметноста. Место каде треба да се собира академската заедница и тоа успеваме да го оствариме. Една дсржава е силна доколку се јаки образованието, науката, уметноста и сметам дека имаме квалитетен научен кадар во кој треба да се вложува за да остане во државава, изјави Пашоска.

Се промовираа меморијалното списание на трудови по повод јубилејот и меморијалната книга „Сеќавања“ кој е прва од ваков вид и го опфаќа периодот од основањето на Друштвото во 1971 година, до 2021 година. Опфатени се 86 починати членови, а дале голем придонес во ДНУ. Друштвото досега имало 14 претседатели.

- ДНУ по 50 години се етаблира како институција во која се посветува доволно внимание на научните трудови. Во јубилејното издание се презентирани 23 труда од преку 30 автори од различни области кои се доволен доказ дека тука, во Прилеп, ова Друштво е, всушност, расадникот за изворни, научни трудови кои располагаат со истражувања. Трудовите ќе мотивираат наредни истражувања и ќе значи дека овој билтен ќе опстојува, вели Јованка Тутеска, универзитетски професор, член на ДНУ и еден од промоторите на изданијата.

Според професор д-р Љупчо Попоски, член на ДНУ и поранешен претседател, треба да се зголеми квалитетот на продуцирањето докторати. На науката ѝ се потребни повеќе аргументи, факти, истражувања.

-На научната мисла во денешно време ѝ се потребни повеќе аргументи, факти, истражувања. Не можам да сфатам како докторска дисертација се подготвува преку Интернетот, за една година или се наведува литература за која доволно не се знае. Истражувањата за една докторска дисертација траат најмалку четири години, а магистратурите најмалку две години. Ако сакаш да истражуваш, мора да најдеш законитост, аргументација, од тоа да се извлече заклучок во кој треба да се посочат одредени општествени појави. На денешната наука ѝ недостасуваат анализата и истражувањето во која било област. Без аргументи нема вистина. Вистинските докторски дисертации никогаш не се доведуваат во прашање. Но, квалитетот опаѓа. Тука е во прашање образованието, а институциите на системот тоа треба да го решат. Не може еден мал народ да има толку ректорати, деканати. Се земаат многу пари, а евтино се продаваат докторати. Иднината скапо ќе ја платиме, смета Попоски. ем/ар/

 

Остани поврзан