• петок, 27 декември 2024

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ одбележува 72 години постоење

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ одбележува 72 години постоење
Прилеп, 18 февруари 2022 (МИА) - Со претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, во режија на Аце Михајловски, на денешен ден  во 1950 година, точно пред 72 години, Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ го означи постоењето како значајна институција во македонската театарска уметност. Во досегашното опстојување, Прилепскиот театар прикажал над 360 премиери, одиграни се преку 7.000 претстави кои ги гледале повеќе од 1,6 милиони луѓе. Годишнината театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја одбележи со изведбата на претставата „Да, инспекторе, Претстава со грешки“ во режија на Синиша Ефтимов, вечер од 19:30 часот на матичната сцена на театарот. Претставата „Да, инспекторе, Претстава со грешки“ е последната премиера во Прилепскиот театар работена по мотиви на текст од Хенри Џонатан Хенри, во која, како и во секоја претстава, сите грешки актерите се обидуваат сѐ поуспешно да ги прикријат без публиката да забележи, ама во оваа претстава сѐ што можете и не можете да замислите се одвива погрешно. Симболиката на дејството во претставата како да отсликува еден голем растеж на значајна театарска институција во земјава која дала бројни имиња, доајени на македонската театарска уметност. Уште од рпвата претстава „Кир Јања“ во далечната 1950 година, бројните генерации актери, „вооружени“ со елан, самопожртвување и творечки занес го покренаа „плугот да ја ораат театарската ледина”, уверени дека ангажманот ќе даде плод. Така и би. Низ годините се ределе премиерите, се нижеле успесите и падовите на Театарот, а колективот се збогатувал со искуство во секојдневната практика. Денеска е ансамбл со врвни актерски имиња. Во досегашните 72 години постоење на Прилепскиот театар најгледани и најиграни претстави се: „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски и „Од кол на кол“, исто во режија на Коле Ангеловски, претставите имаат преку сто изведби. Голем успех театарот низ годините има постигнато  и со претставите „Силјан Штркот“ „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Колобан”, „Молам за секс”, „Спиро Црне” „Арсениј”, „Полковникот птица”, „Опера за три гроша“, „Змејовата невеста“ и други претстави. Сепак,  претставата „Тапани во ноќта“ од Бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски, го воздигна театарот и беше бренд не само на македонскиот, туку и на балканскиот театар. Со  „Тапаните во ноќта“ театарот освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Претставата „Кавкаскиот круг со креда“ во режија на Мартин Кочовски во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс Понто“ („Ех Понто“) во Љубљана, Словенија. Прилепскиот театар е првиот кој во десетгодишен период на МТФ „Војдан Чернодрински“ има освоено најмногу награди за најдобра претстава во целина. Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ во земјава го има приматот на театарска куќа во која има праизведби на текстови од македонски драмски автори. Тука првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески - Платнар, на Трајче Крстески, на Петар Петрески. При јубилејот на театарот во тек е дигитализација на фотографии, информации, статии за претставите до периодот на 2000-та година за да се зачуваат зошто се големо културно богатство. Ансамблот на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ неуморно работи на унапредувањата на театарската уметност, а голема радост е да помине пандемијата и публиката целосно да се врати во салите и со полн капацитет да ги следи претставите. ем/мд/

Остани поврзан