Прилепската болница доби донација за ортопедското одделение од околу 16 000 евра
- Ортопедското одделение при прилепската општа болница доби нов ехо апарат за рано откривање на развојно нарушување на колковите кај доенчињата. Апаратот кој е нов, неупотребуван е донација на шведската хуманитарна организација „Хабтихант“ и е во вредност од 15 800 евра.
Прилеп, 22 јули 2025 (МИА) - Ортопедското одделение при прилепската општа болница доби нов ехо апарат за рано откривање на развојно нарушување на колковите кај доенчињата. Апаратот кој е нов, неупотребуван е донација на шведската хуманитарна организација „Хабтихант“ и е во вредност од 15 800 евра.
-Идејата и љубовта за Прилеп и да помогнеме се многу големи. Апаратот може да се надградува. Пресудно беше што директорот рече дека апаратот е за деца и да им се помогне, изјави Марија Русенгрен, претседател на хуманитарната организација „Хантихант“ од Шведска.

Со претходниот апарат, исто донација од Јапонија, досега се работело 32 години кога почнал со работа и кабинетот за детска ортопедија, а методата за скрининг на колкови кај доенчиња во прилепската болница е воведена уште од 1989 година од примариус д-р Трајче Бошкоски.
-Сега нашите доктори ќе продолжат со работа со овој нов, современ апарат. Досегашниот иако е во функција, но е со слаба резолуција и многу користен. Донацијата е прекупотребна и благодарноста е огромна, рече на денешната прес- конференција за донацијата директорот на прилепската болница Кире Јоноски.
Со апаратот ќе се пружа здравствена заштита и на жителите од соседните општини преку закажан термин.
Во последните три години се реализирани вкупно 3525 ехо прегледи на колкови кај доенчиња. Во просек, се прават по 100 прегледи месечно.

-Добредојден е новиот ехо-апарат за скрининг на колковите кај доенчињата. Како метод што го користиме сме пионери во државава. Методот е безбеден, нештетен и се надеваме со дополнителна обука да им ги пренесеме знаењата и искуствата на специјализантите, идните ортопеди на одделението, рече д-р Василе Василески, раководител на ортопедско-трауматолошкото одделение во прилепската болница.
Организацијата „Хантихант“ од Шведска во Прилеп досега има донации во вредност од околу 700 000 евра, во болницата и во други установи. ем/ац/
Фото: МИА