• вторник, 24 декември 2024

Прилепската болница во долгови и со блокирана сметка, но, без проблем со здравствени услуги

Прилепската болница во долгови и со блокирана сметка, но, без проблем со здравствени услуги

Прилеп, 9 октомври 2024 (МИА) - Новото раководство на прилепската болница го обвинува старото, дека оставило долгови од околу 193 милиони денари. Болницата моментално е со блокирана сметка, според в.д. директорот Кире Јоноски. На денешната прес-конференција, Јоноски посочи дека веќе две недели, полицијата работи на проверка на сета документација.

- Морам со големо жалење да констатирам дека наследивме огромен долг. Обврските што ги има болницата, по разни основи, изнесуваат речиси 193 милиони денари. Има доста фиктивни фактури, а во одредени случаи се плаќало авансно. Затекнавме и големи суми за ресторански услуги, а на пример, една иста фирма фактурирала високи суми на фиктивни фактури за услуги, како поправка на ѕидови, на машини за перење, за чистење клима уреди, косење трева, дезинфекција на подови, до едукација на медицински сестри, а ниту една медицинска сестра не е запозната со таа едукација. Тековните обврски не се подмирувале и сме наталожени со долгови. Се вршеле и фиктивни транспорти на име - службено патување, рече Јоноски.

Јоноски додаде дека за состојбите бил известен министерот за здравство Арбен Таравари и се надеваат оти за брзо, сметката на болницата ќе се одблокира.

- Министерот е запознат со состојбите во болницата и се надеваме дека ќе изнајдеме решение. Исто така, ќе имаме и средба со Фондот, кои ќе направат напори да ни помогнат и сметката да се одблокира, изјави Јоноски.

Немало никаков проблем со пружање услуги за пациентите. Но, како што беше нагласено, останува проблемот со недостиг од медицински кадар.

- Нема никаков проблем, сите пациенти да ги добиваат здравствените услуги. Факт е дека имаме недостиг од кадар. Во сите одделенија недостасува кадар, најмногу на рентген одделението и на анестезија. За оваа година, досега, немаме одобрување за вработување, а, направен е планот за наредната година и имаме барање за 30 општи лекари. Освен тоа, се надеваме дека ќе се вработат и приватните специјализанти. Конкурсот не е наш, туку на Министерството за здравство. Разговаравме со некои приватни специјализанти и тие се заинтересирани да работат кај нас, во јавното здравство, појасни Јоноски.

Прилепската болница нуди здравствени услуги на преку 100.000 жители од регионот. ем/бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан