„Приказни од Пизуловата воденица“ - нов роман за деца од Киро Донев
- Издавачката куќа „Македоника литера“ деновиве ја објави новата книга за деца на Киро Донев – еколошкиот роман „Приказни од Пизуловата воденица“. Делото е наменето пред сè за децата и младите, чијашто иднина, како што се истакнува, во голема мера зависи од нивниот однос кон природата, животната средина и севкупниот растителен и животински свет.
Скопје 23 јануари 2026 (МИА) - Издавачката куќа „Македоника литера“ деновиве ја објави новата книга за деца на Киро Донев – еколошкиот роман „Приказни од Пизуловата воденица“. Делото е наменето пред сè за децата и младите, чијашто иднина, како што се истакнува, во голема мера зависи од нивниот однос кон природата, животната средина и севкупниот растителен и животински свет.
Романот носи силна порака и апел до младите читатели никогаш да не потклекнат пред предизвиците на модерната наука и техника, кога станува збор за заштитата на природата и средината во која живеат. Истовремено, книгата е наменета и за сите оние кои сакаат да придонесат кон промена на начинот на размислување и однесување кон мајката Природа и планетата Земја, чиј природен свет сè повеќе исчезнува.
Во „Приказни од Пизуловата воденица“, природата не е прикажана со фотографска точност, туку е уметнички пресоздадена со сите свои бои, мириси, светлини и сенки, откривајќи го и големиот и малиот, често невидлив свет што нè опкружува.
Ова е 16-та книга на Киро Донев објавена во издание на „Македоника литера“ (14 авторски и две преведени и приредени). Донев е автор на околу педесет книги за деца и е еден од најпопуларните и најчитаните македонски писатели за деца. За своето богато творештво е добитник на бројни високи книжевни награди, а неговите дела се преведени на повеќе јазици.
Киро Донев е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.
Киро Донев пишува и ТВ и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сценарија за играни ТВ серии, составил неколку антологии... Повеќепати е наградуван, а највисоки признанија од областа на литературата му се наградата „Ванчо Николески“, доделена од Друштвото на писателите на Македонија, „Гоцева повелба“ на манифестацијата „Гоцеви денови“, наградата „Мала вила“ на 21 Меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла, Босна и Херцеговина. Дел од неговото творештво, претежно романи, се преведени на турски, српски/хрватски/босански, бугарски, унгарски, украински и албански јазик, а негови песни и раскази се објавени на многу јазици. Долг период (од 1970 г.) беше член на Друштвото на писателите на Македонија. Живее во родното Моноспитово, Струмичко. дма/вј/
Фото: Илустрација