• среда, 25 декември 2024

Приказната за Пепелашка на Драмското студио „Летечка театарска трупа“ два дена ги забавуваше тетовци

Приказната за Пепелашка на Драмското студио „Летечка театарска трупа“ два дена ги забавуваше тетовци

Тетово 19 април 2023 (МИА) - Драмското студио Летечка театарска трупа“ - Тетово вечерва го заврши проектот Пепелашка“, премиера и реприза на приказната која овие два дена измами многу насмевки и воздишки од публиката, пред се децата но и возрасните придружници. За оваа приказна режисерот Владимир Јованоски работеше со дури 23 деца актери и исто толку членови на детскиот хор „Лале“ кои настапија на сцената во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.

- Пепелашка ги надмина и нашите очекувања како во однос на концептот на режијата, актерската игра, така и за интересот на публиката. Она што е специфично за овој проект е што претставува успешен обид за интегрирање на целокупниот ансамбл на Летечка Театарска Трупа во тесна соработка со хорски ансамбл што доведе до спој на искуство и почетнички ентузијазам. Имајќи предвид дека се работи за претстава со масовен мизансцен и обемен текст, пробите траеа повеќе од половина година, изјави режисерот Јованоски.

За оваа претстава се подготвија оригинални костими и живописна сценографија со темелни пораки до публиката.

- Покрај сценските игра и говор, актерите ги обновија знаењата за техники за изградба на лик, а неизоставно беше и зацврстувањето на другарството и меѓучовечките односи. Целта е да се пренесат универзалните човечки позитивни пораки и особини низ играта и ликовите, едукација на младата театарска публика и збогатување на културната понуда. Сметам дека ова го постигнавме со овој театарски класик за деца – Пепелашка, рече за МИА, режисерот и актер Владимир Јованоски.

Пепелашка е проект поддржан со годишната програма на Министерството за култура. До крајот на годината „Летечка театарска трупа“ планира уште неколку премиери со кои одбележуваат 15 години постоење. ас/сх/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан