• четврток, 26 декември 2024

Признанија за 11 просветни работници за придонес и особени залагања во воспитно образовната работа

Признанија за 11 просветни работници за придонес и особени залагања во воспитно образовната работа
Скопје, 4 октомври 2021 (МИА) - Единаесет просветни работници се добитници на признанијата за континуиран придонес и особени залагања во воспитно образовната работа кои ги додели Сојузот на просветни работници на Северна Македонија заедно со Министерството за образование и наука. На денешниот настан по повод доделувањето на признанијата, Лидија Николовска Георгиевска од Сојузот на просветни работници на Северна Македонија, информираше дека и оваа година традиционално по повод Светскиот ден на учителот - 5-ти октомври, во летниот период распишале конкурс за просветни работници од сите нивоа на образование. - На 19-ти септември оваа година, Комисијата за доделување на награди и признанија и пофалници во рамки на сојузот, додели признанија на 11 просветни работници во РСМ од различни нивоа на образование. Од предучилишно, во категорија воспитувачи додели две признанија, во категорија основно образование предметна настава – две признанија, во категорија одделенска настава во основно образование две добитнички, во категорија средно образование имаме едно признание, и во категорија на стручна служба – две признанија, едно од основно предучилишно воспитување и образование и од средните училишта. Вкупно девет добитници на признанието просветен работник на годината за учебната 2020-2021 година, информираше Георгиевска. Дополни дека првпат оваа година, сојузот додели две посебни признанија земајќи ја предвид состојбата во која се наоѓавме, предизвикана од пандемијата Ковид-19 и постигнатите резултати што беа регистрирани според правилникот за доделување на награди, признанија и пофалници. - Добитничките, исто така, учествуваа на овој конкурс, но, не се здобија со признанието просветен работник на годината, туку, се здобија со признание за конкретни достигнувања во воспитно-образовната практика на работното место и тоа за остварени резултати во домен на посета на едукативни семинари и дисеминации и остварени резултати во менторство на ученици на сите нивоа во основното образование, одделенска настава, појасни Георгиевска. Стојан Манолев, професор во Средно општинско училиште „Гоце Делчев“ во Валандово, кој е еден од добитниците на наградата, во име на сите наградени се заблагодари и кажа дека овој настан е мотив и поттик за сите наставници со свој труд и ангажман да вложат за идните млади генерации. - Им благодарам на претседателството на Сојузот на просветни работници што во сите нас денес наградените видоа добри практики, квалитетна, ефикасна и ефективна настава што треба да биде исто така мотив и поттик за другите наставници да дадат се од себе за успешни едуцирани млади генерации, изјави Манолев. Министерката за образование и наука, Мила Царовска, изрази чест и задоволство што имаше можност да ги додели признанијата за посебните достигнувања на наставниците. Како што кажа, ова не беше обична учебна година, беше полна со предизвици и навистина овие наставници успеаја да се справат со сите тие предизвици, но, од друга страна, успеаја да покажат мотивираност за пренос на своите знаења и своите искуства кон другите колеги кои што можеби имаа помалку можности да се стекнат со тие вештини за полесно да се справат со минатата учебна година. - Сметам дека наставникот е центарот на нашето општество и тоа го покажа пандемијата затоа што сите ние заедно увидовме што значи да се соочуваме со предизвикот да бидеме дома на своите деца заменски наставници, видовме колку работата на наставникот не само што е значајна, туку и самата таа е тешка со многу предизвици, изјави министерката Царовска. Дополни дека смета дека сите ние заедно, наставниците, професорите, Сојузот на просветни работници, треба во континуитет да вложуваме во квалитетна настава, треба да се грижиме да создадеме образование кое што ќе ги подготви нашите деца за да работат и да заживеат во втората половина од 21 век. Тоа, порача, значи задолжително мора да внесеме дигитализација во образовниот процес, да ги научиме учениците да учат во училиште и навистина критички да размислуваат за секое прашање кое што се става на тема на дискусија. ар/лв/    

Остани поврзан