• вторник, 24 декември 2024

Пригожин е мртов, Путин зајакнат?

Пригожин е мртов, Путин зајакнат?

26 август 2023 

Дојче Веле

 

Евгениј Пригожин, човекот кој го предизвика рускиот претседател Владимир Путин како никој друг со неговата платеничка трупа „Вагнер“, очигледно е мртов. Што значи ова за руската војна во Украина?

Многумина го очекуваа тоа, а набљудувачите, како Ирина Бороган, се само изненадени од начинот на кој Евгениј Пригожин го загуби животот. 

-Тоа што беше убиен толку спектакуларно е нешто ново, изјави Бороган за Дојче Веле. „Дури и ако никогаш не се разјаснат точните околности“, вели руската истражувачка новинарка.

Малку се оние кои се сомневаат дека Пригожин е навистина мртов. Доколку тој дефинитивно е мртов, тоа веројатно не е  случајно. Постои голема веројатност дека се работи за нарачано убиство „по наредба на претседателот на Русија, Владимир Путин“, вели за ДВ австрискиот политички експерт и добар руски експерт Герхард Мангот. 

Можен мотив би можел да биде одмаздата за неговото понижување за време на бунтот во јуни и „предупредување за критичарите во раководните редови“.

Бунт против военото раководство - индиректно и против Путин

Според официјалните информации, шефот на озлогласената платеничка група „Вагнер“, наводно, бил во приватен авион кој се урна во средата вечерта (23 август). На списокот на патници се најде и командантот Дмитриј Уткин, по чие кодно име „Вагнер“ групата го доби своето име. Има се повеќе докази дека авионот експлодирал на летот од Москва до Санкт Петербург.

Неодамна се чинеше дека конфликтот меѓу Пригожин и рускиот претседател Владимир Путин е решен. Шефот на „Вагнер“ се движеше слободно и сними видеа од наводните нови дејствија на неговата војска, вклучително и во Африка.

На крајот на јуни, Пригожин водеше вооружен бунт против военото раководство на Русија. Без отпор го зазеде командниот центар во Ростов на Дон. Со дел од својата приватна војска тргна кон Москва и собори авион и хеликоптер што се обиделе да го запрат. Путин го нарече предавник. Немаше конфликт, беше постигнат договор: на Пригожин му беше ветен имунитет во замена за егзил во Белорусија. Но, тој се врати.

Инцидентот ја шокираше Русија. Во екот на агресорската војна против Украина, Пригожин го предизвика шефот на Кремљ како никој друг - и тоа воено. Владимир Путин тогаш со часови изгледаше слаб и немоќен. Пред тоа, Пригожин со месеци јавно се судиташе со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, близок соработник на Путин, како и со началникот на Генералштабот Валери Герасимов. И двајцата ги обвини за неспособност во војувањето. Пригожин индиректно го нападна Путин, јавно доведувајќи ги во прашање неговите причини за војната.

Речиси без влијание врз војната во Украина

Порано беше поинаку. Пригожин се сметаше за лојален, а неговите платеници и помогнаа на руската армија да ги освои териториите во Украина, неодамна во градот Бахмут на крајот на мај. 

Путин и Пригожин се познаваат уште од деведесеттите. На Пригожин му беше дозволено да биде првиот што формира приватна група за тешки и валкани операции по налог на Москва - во Украина, Блискиот Исток и Африка.

-Поддржувачите на Пригожин сега се веројатно фрустрирани, претседателот Путин не треба да се плаши од нов бунт, изјави за ДВ Марина Мирон, експерт од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL). Шефот на Кремљ очигледно најде решение „да ја контролира групата“.

Експертите сметаат дека тоа нема да влијае на војната во Украина. Групата „Вагнер“ на Пригожин веќе беше ослабена за време на тешките борби изминатата пролет, а сега е без водачи. Веќе три месеци руската армија се бори без помош на војниците на „Вагнер“ и според Путин е во подобра позиција од претходно.

Путин се уште е со Шојгу?

-Прашањето е што ќе се случи со мисиите на „Вагнер“ во Африка. Таму таа група направи многу валкани работи за руската Влада и значително го зајакна влијанието на Русија во африканските земји, потсетува Герхард Мангот. Тоа, значи, останува да се види.

Останува нејасно и за колку долго претседателот Путин ќе може да ја засили својата моќ. Тоа ќе зависи од натамошниот тек на војната во Украина.

Конечно, останува да се види дали шефот на Кремљ ќе продолжи да го поддржува својот министер за одбрана Шојгу. Неговата замена не ја бараа само Пригожин, туку и разни радикални националисти и некои таканаречени воени блогери. Нивната поддршка за војната е важна за Путин. Заради тоа, со некои од нив претходно, дури и лично се состанувал.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан