• сабота, 23 ноември 2024

Привршува реконструкцијата на внатрешноста на спортската сала во Куманово

Привршува реконструкцијата на внатрешноста на спортската сала во Куманово

Куманово, 22 февруари 2024 (МИА) - Привршува внатрешната реконструкција на спортската сала во Куманово, соопштија денеска надлежните од општина Куманово.

- Во тек е финално машинско чистење на подот пред местење на паркет. Во моментов се нанесува епоксиден материјал на подовите на трибините во спортската сала. Следува местење на паркет, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Општината одвои скоро 14 милиони денари за реконструкцијата на дел од столарија, надворешното и внатрешното уредување на салата.

Во септември, лани почна уредувањето на салата за бокс во внатрешноста на објектот. Спортската сала во Куманово се реконструира етапно. Изминативе години почна делумна реконструкцијата на трибините. Кон крајот на декември, 2021 заврши пак санацијата на кровната конструкција на спортската сала која се спроведуваше преку проект од програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој од 2020 година со учество на општина Куманово. За проектот беше потпишан договор за градба, средствата во вредност од 23 милиони 430 илјади денари беа обезбедени преку програмата, а општината учествува со 830.000 денари, соопштија тогаш надлежните од Центарот за развој на североисточниот плански регион. Спортската сала е еден од четирите големи спортски објекти, Соколана, градски стадион и стрелиште кои Владата ѝ ги врати во владение на општина Куманово. ам/ир

Фото: Општина Куманово

Остани поврзан