• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Приведен директор на здравствена установа поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра

Приведен директор на здравствена установа поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра

Скопје, 8 април 2025 (МИА) - Во координирана акција со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, приведени се две лица, меѓу кои и директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра, информира директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Директорот, заедно со посредник, барале и примиле поткуп за сместување болно и неподвижно лице во геријатриска установа.

- Девастираниот систем мора да го вратиме и ќе го вратиме во функција. За жал, кога сѐ уште владее национална тага, некои поединци се осмелуваат нелегално да профитираат. Продолжуваме посветено да делуваме во насока на расчистување на корупцијата и организираниот криминал, придонесуваме за обезбедување на правдата, правични и транспарентни институции. Не дозволуваме и нема да дозволиме ваквите случаи да останат неказнети, објави на Фејсбук, Јанев.

Претходно денеска МВР, информираше дека се приведени две лица под сомнение за кривични дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска преку соопштение, исто така, реагираше во врска со апсењето на директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември Скопје” за примање поткуп. Тој потенцира дека испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности.

Директорот на Геријатриската болница „13 ноември“, Мухсин Арифи, беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули минатата година од страна на министерот за здравство Арбен Таравари. Претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан