• среда, 25 декември 2024

Приведено лице кое превезувало 20 мигранти од Непал

Приведено лице кое превезувало 20 мигранти од Непал

Скопје, 11 октомври 2023 (МИА) - Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово и Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица денеска го лишиле од слобода В.К.(36) од село Дамјан, радовишко, затоа што во возило комбе „фиат дукато“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 20 лица, мигранти од Непал.

Како што соопшти МВР, околу 13:20 часот во близина на наплатна станица Демир Капија, во правец Неготино-Демир Капија, полициски службеници го забележале возилото и дале знак за негово запирање. Возилото продолжило со движење, по што на наплатната станица возачот го запрел и тој со уште едно лице го напуштиле местото. При преглед во возилото биле пронајдени мигрантите, а по преземени мерки бил пронајден возачот В.К., кој бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Увид бил извршен и за настанот бил известен јавен обвинител, по чија наредба мигрантите ќе бидат сместени во прифатно-транзитен центар во Табановце и во Прифатниот центар за странци-Скопје. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР. ев/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан