• петок, 27 декември 2024

Приведени 19 лица, од кои седум малолетници, при контроли во угостителски објекти во Прилепско

Приведени 19 лица, од кои седум малолетници, при контроли во угостителски објекти во Прилепско
Скопје, 7 август 2022 (МИА) - Во рамки на проектот „Безбедно лето 2022“, ноќеска од 00.10 до 3.00 часот е спроведена акциска контрола во повеќе угостителски објекти во Прилеп и Прилепско. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, при контролата биле констатирани повеќе прекршоци и биле приведени 19 лица, од кои седум малолетници. -Во објектите биле затекнати седум малолетници по 24 часот, а двајца малолетници биле затекнати при консумирање алкохол. Исто така, десет лица не поседувале документ за идентификација, кај едно лице бил пронајден нож, затекнат е еден странски државјанин со нерегулиран престој, а едно лице го нарушило јавниот ред и мир. Против сите лица и правни субјекти ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, информира МВР. Воедно, од претставниците на Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Трудовиот инспекторат биле констатирани прекршоци во сите контролирани објекти за што ќе бидат изречени соодветни санкции.Контролата во угостителските објекти ја спровеле полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции во координација со Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Трудовиот инспекторат. хс/цр

Остани поврзан