• среда, 13 ноември 2024

Приведени поранешниот директор и двајца вработени, Клиниката за Онкологија функционира без проблеми, уверуваат Клисарова и Матоши

Приведени поранешниот директор и двајца вработени, Клиниката за Онкологија функционира без проблеми, уверуваат Клисарова и Матоши

Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Поранешниот директор на Клиника за онкологија и радиотерапија и двајца вработени, од кои една медицинска сестра се приведени денеска во врска со скалндалот на Онкологија, кој минатата година ја разбранува јавноста. Клиниката функционира нормално и сите закажани прегледи и терапии течат тековно без проблеми.

Ова денеска во изјава за медиумите го изнесоа директорката на Клиниката Виолета Клисарова и организациски директор, Халид Матоши.

Нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде  приведен. Претходно од Јавното обвинителство потврдија за МИА дека претресите се по наредба на јавен обвинител, а повеќе детали најавија во текот на денот, иако некои дел од медиумите излегоа со иницијалите на приведените, па дури и со името на поранешниот директор Нино Васев.  

-Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земена од некаде, исклучен и е телефонот, изјави Матоши на прашањето за колку лица имало налози.

Клисарова со уверување дека Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија работи и функционира нормално.

-Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија, рече таа.

Директорката додаде дека се што е во врска со истрагата и сите случувања коишто се случиле изутрината понатаму како информации ќе ги изнесат истражните органи.

За тоа дали имало проверки од страна на полицијата, Клисарова рече дека можеби имало, но таа не била информирана. -Она што го знам ви го потврдувам, додаде таа. Во врска со тоа дали се одземени доказни материјали, таа кажа дека нема таква информација.

Клисарова, одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека терапија има за сите пациенти. -Да, терапии има. Системот е во процедура. Тоа е процедура која трае и сме далеку од почнување и негово ставање во функција. Меѓутоа, во координација со Министерството за здравство се работи на тој проект, а терапија има во моментов и Клиниката навистина функционира нормално и токму тоа со оваа денешна изјава сакам да го потврдам и изјавувам дека сите пациенти ќе бидат опслужени со целата потребна терапија, посочи директорката. 

На почетокот од септември минатата година со судска наредба, а врз основа на наводите изнесени во новинарски текстови, беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.

Министерството за здравство тогаш даде поддршка за акцијата на Обвинителството и полицијата, а поранешниот премиер Димитар Ковачевски истакна оти се работи за наводи што не смеат да се случуваат и повика да не се прави сензација и напад на сите доктори. Од страна на Владата, додаде тогаш, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, пак нагласуваше дека актуелната власт не очекува разрешница на скандалот со Онкологија.

Во врска со скандалот, се формираше и собраниска Анкетна комисија, пред која сведочеа поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешни и актуелни директори на Фондот за здравствено осигурување, како и други лица и функционери. Членовите на Комисијата имаа по 30 дена за распит на сведоци и уште толку за разгледување документација. Случајот ги подели власта и опозицијата. Рокот за донесување заклучоци на собраниската Анкетна комисија беше до 3 декември. Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата поради несогласувања, излегоа со различни заклучоци. бд/ац/

Остани поврзан