• среда, 25 декември 2024

Приватните превозници се враќаат на скопските улици, нова цена по извозен километар очекуваат од Нова година

Приватните превозници се враќаат на скопските улици, нова цена по извозен километар очекуваат од Нова година

Скопје, 30 ноември 2024 (МИА) - Приватните превозници се откажаа од блокадите и најавуваат дека од утре се враќаат на улиците, откако на денешната координативна средба во Град Скопје е постигнат договор во рок од 15 дена независни експерти да направат анализа колку точно ќе добијат зголемување по извозен километар. 

Во изјава дадена по состанокот, претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски изјави дека новите цени треба да се применуваат од 1 јануари, идната година. 

-Успеавме да се договриме дека за рок од 15 дена ќе биде изработена стручна анализа заедно со нас, со координаторите на советничките групи, ќе се најде некое оптимално решение за да може да се направи нова методологија на цената, да се стават ставки кои треба да бидат структурирани и заклучно со 1 јануари, 2025 година стартуваме со нова цена, ќе се склучи анекс на Договорот, рече Зафировски.

Од Град Скопје претходно соопштија дека по вчерашната Седница на Советот на Град Скопје, на која не беше донесен заклучок во рамки на законските и деловнички процедури, денеска се одржал координативен состанок на кој учествувале градоначалничката и секретарот на Град Скопје, координаторите на советничките групи кои ги претставуваат политичките партии во Советот на Град Скопје, членови на Советот, претставници на стручните служби на Град Скопје и претставниците на приватните превозници. 

На средбата, се посочува, е донесен заклучок според кој во рок од 15 дена треба да се изготви анализа во која согласно утврдената методологија ќе се утврдат реалните трошоци за извршување на услугата јавен превоз, од страна на експерти вешти лица, претставници на стручните служби на Град Скопје од соодветните сектори и со земање на предвид на поднесените податоци од страна на претставниците на приватните превозници.

-Анализата со предлог решение и одлуки да се презентира од страна на стручните служби на 16 декември пред истиот состав на координативен состанок, по кој членовите на Советот на Град Скопје ќе имаат можност да се изјаснат со носење на одлука со која ќе се изврши корекција на надоместокот за приватните превозници од страна на Советниците во Советот во Град Скопје, стои во соопштението од Град Скопје. 

Координаторот на советничка група на ВМРО - ДПМНЕ и Коалицијата, Мартин Стојановски, на фејсбук објави дека присуствувал на координација помеѓу Градоначалничката на Град Скопје, координаторите на советничките групи и приватните превозници, но ја напуштил таа средба откако не добил предлог за проблемот со приватните превозници и посочи дека за нив вчерашната одлука е легитимна.

-Сакам да нагласам дека советничката група на ВМРО - ДПМНЕ нема да навлегува во задкулисните и нечесни игри на коалицијата СДСМ,Град Скопје, ДУИ и Левица кој никако не работат за доброто на граѓаните на градот Скопје. Секако, на вчерашната седница Советот донесе заклучок со кворум од присутни 29 члена на Советот за покачување на цената на приватните превозници за 30 денари по извозен километар, стои во објавата на Мартин Стојановски. вг/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан