• недела, 24 ноември 2024

Претстои неизвесна зима, да се направат анализи по сектори, сметаат штипските текстилни конфекции

Претстои неизвесна зима, да се направат анализи по сектори, сметаат штипските текстилни конфекции

Штип, 1 ноември 2022 (МИА) - Претстои неизвесна зима за бизнис секторот. Цената на струјата во моментов на светските берзи е добра, се движи од 250, а на моменти и на 150 евра. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи и Кирил Нашков, претставник на штипските текстилни конфекции во Кластерот за текстил велат дека ризикиот по бизнисот постои по Нова година. Според Димитров, потребно е Владата да направи анализа за помош и на големите компании.

- Треба да се направат добри анализи по сектори, бидејќи во слична состојба се компаниите и да се види онаму каде што учеството на електричната енергија во самите трошоци на компании е драстично големо, бидејќи ако тоа лани на пример било 10 отсто, сега ќе биде 40 отсто во вкупните трошоци. На таквите компании треба да се помогне. На компаниите на кои учеството им било еден или два проценти, сега ќе дојде да речеме пет или шест проценти, мислам дека ќе можат и самите да го изнесат тој товар, вели Димитров.

Порача дека на оние на коишто најмногу им е потребно треба да се помогне. Според Нашков, нормално дека секоја помош е добра за стопанството, а секако и за текстилниот сектор.

-Нормално е ние секогаш да бараме мерка повеќе за помош, бидејќи ситуацијата е алармантна, колку ќе успееме тоа да им го претставиме на Владата, ние како текстилна индустрија, но и останатите индустрии, а и колку Владата и државата се моќни да ни помогнат, тоа е прашање на договори и можности, вели Нашков.

Посочи дека текстилните компании во моментов имаат нарачки од страна на странските партнери, но истакна дека се зависи од моќноста на партнерите, колку можат да ја зголемуваат цената на производите.

-Цените со партнерите ги менуваме веќе на месечно, а не на годишно ниво и тие што имаат такви партнери, што можат да ги следат ќе бидат во поповолна ситуација. Но, ситуацијата и на запад е иста и таму луѓето, фирмите се борат. Така ќе видиме се, со кој како работи, вели Нашков.

Прашан за колкав процент се зголемените цените на производите во споредба со лани, Нашков со одговор дека грубата проценка би била дека процентот изнесува околу 30. Посочи дека сега кога ги договараат цените на нив ставаат и знак прашилник, односно со напомена доколку се промени ситуацијата на пазарот со струја, цената на изработениот производ е подложен и на корекција. вдј/мд/

Остани поврзан