• среда, 25 декември 2024

Претставничкиот дом по вторпат изгласа импичмент на Трамп

Претставничкиот дом по вторпат изгласа импичмент на Трамп
Вашингтон, 13 јануари 2021 (МИА) – Вкупно 222 пратеници од Демократската партија и дури десетмина од Републиканската денеска го дадоа гласот за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој се товари за поттикнување бунт, односно за неговата улога во минатонеделните смртоносни нереди во Капитол. Против отповикувањето гласаа 197 пратеници. По одобрувањето, постапката се префрла во Сенатот, Горниот дом на Конгресот, кој го спроведува судењето. Засега не е познато кога ќе започне постапка, со оглед дека од мандатот на Трамп останаа уште осум дена. Според Уставот, потребни се две третини од сенаторите за да биде осуден и сменет претседателот. Познавачите не очекуваат дека во Сенатот ќе биде донесена одлука за отповикување, но со просто мнозинство може да одлучи дека тој нема да може да се кандидира за втор мандат. „Импичмент“ ја означува само постапката во Претставничкиот дом што поднесува обвинение против претседателот за „тешки кривични дела или прекршоци“. Ако просто мнозинство од 435 члена одобрат обвинение, процесот оди до Сенатот, каде се спроведува судење. Потребно е двотретинско мнозинство од 100-те сенатори за осуда и смена на претседател на САД. Највисок републиканец во Сенатот, Мич Меконел изјави дека откако Сенатот беше во мирување по изборите, судењето може да почне веќе на 20 јануари, денот на церемонијата на инаугурацијата на Бајден. За да почне порано, сите 100 сенатори ќе треба да гласаат „за“. Лидерот на демократите во Горниот дом, Чак Шумер, истражува можности за собир на сенатори. За таков потег ќе биде потребно одобрување од Меконел. Процедуралните експерти велат дека Сенатот е слободен да ги постави своите правила и може да одржи судење во рок од еден ден, ако тоа го сака. Процесот може да се искористи за да се отстрани Трамп, но и да се дисквалификува од функцијата во иднина. Два историски преседани, обајцата вклучуваат федерални судии, појаснуваат дека Сенатот може експлицитно да гласа за ова, само потребно е просто мнозинство. Пол Кампос, професор по уставно право на Универзитетот во Колорадо, рече дека дури и ако Сенатот не го осуди претседателот, сенаторите можат да одржат второ, одделно гласање за да ја попречат неговата идна политичка кариера. Тоа би значело дека демократите, кои ќе имаат мнозинство во Сенатот, можат да му забранат на Трамп да се кандидира за претседател во 2024 година. Сепак, Трамп може да се обиде да ја оспори таквата одлука на суд, рече Кампос. Врховниот суд донесе одлука во 1992 година дека нема да ги доведува во прашање одлуките на Сенатот за водење на постапки за импичмент. - Сенатот има голема слобода да одлучи како сака да го спроведе процесот, вели Кампос. Досега ниту еден американски претседател немал два импичмента. Но експертите велат дека Конгресот има право на тоа. Во декември 2019 година имаше еден импичмент за Трамп, под обвинение за злоупотреба на моќ и попречување на Конгресот. Трамп беше „ослободен“ од Сенатот предводен од републиканците во февруари 2020 година.

Досега ниту еден претседател на САД не бил „протеран“ од Белата куќа преку процесот на отповикување.

Тројца американски претседатели - Трамп во 2019 година, Бил Клинтон во 1998 година и Ендру Џексон во 1868 година - беа отповикани во Претставничкиот дом, но беа ослободени од обвиненијата во Сенатот. ссм/зш/

Остани поврзан