• вторник, 24 декември 2024

Претставници на 28 земји се подготвени да работат за да се намалат ризиците од вештачката интелигенција

Претставници на 28 земји се подготвени да работат за да се намалат ризиците од вештачката интелигенција

Блечли Парк, 1 ноември 2023 (МИА) – Делегати од 28 земји, вклучително и САД и Кина, се согласија денеска да работат заедно за да ги ограничат потенцијалните катастрофални ризици предизвикани од брзиот напредок во вештачката интелигенција.

Фокусот на првиот меѓународен самит за безбедност на вештачката интелигенција, кој се одржува денеска и утре во Блечли Парк, поранешна шпионска база во близина на Лондон, е на најсовремената „гранична“ вештачка интелигенција, за која некои научници предупредуваат дека може да претставува ризик за опстанок на човештвото.

Британскиот премиер Риши Сунак рече дека усвоената декларација е „значајно достигнување“ бидејќи најголемите светски сили во областа на вештачка интелигенција се согласија за итноста за разбирање на ризиците од вештачката интелигенција.

Потпретседателката на САД Камала Харис ја повика Велика Британија и другите земји да дејствуваат уште подалеку и побрзо, нагласувајќи ги трансформациите што веќе ги носи вештачката интелигенција и потребата од одговорност на технолошките компании и преку законодавството.

Харис утре треба да присуствува на самитот, заедно со владини претставници од повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Канада, Франција, Германија, Индија, Јапонија, Саудиска Арабија и Кина.

Земјите ветија дека ќе работат на „заеднички договор и одговорност“ за ризиците од вештачката интелигенција и се согласија да одржат серија состаноци.

Јужна Кореја за шест месеци ќе биде домаќин на мини виртуелен самит за вештачка интелигенција, а за една година ќе се одржи нов во Франција, на кој ќе присуствуваат високи функционери. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан