• вторник, 12 ноември 2024

Претставници на Народната банка на виртуелен состанок за техничка соработка со Народната банка на Украина

Претставници на Народната банка на виртуелен состанок за техничка соработка со Народната банка на Украина

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Претставници на Народната банка на Северна Македонија учествувале на виртуелен состанок за техничка соработка насловен „Улогата на централната банка во процесот на преговори за членство во ЕУ“, инициран од Народната банка на Украина и организиран од Народната банка на Хрватска, заради споделување знаењата и искуствата за поддршка на Народната банка на Украина во процесот на пристапување во Европската Унија.

Како што соопшти Кабинетот на гувернерот на Народната банка, нивните претставници ги запознале претставниците на Народната банка на Украина со неодамнешното искуство од билатералната фаза на аналитички преглед. 

-Претставниците на Народната банка имаа свои излагања за подготовката и начинот на интерна организација за билатералната фаза, како и конкретен осврт на поглавјето 4 − слободно движење на капиталот, поглавјето 9 – финансиски услуги и поглавјето 17 − економска и монетарна политика, се наведува во сооптението.

Билатералната фаза на аналитички преглед за нашата земја беше спроведена во текот на 2022 и 2023 година, при што Народната банка, како што посочува, беше вклучена во дванаесет поглавја, од кои во седум поглавја имаше активно учество.

-Во согласност со поглавјето 4 − слободно движење на капиталот, правната рамка којашто го регулира работењето на платниот систем е значително усогласена со правото на ЕУ. Со исполнувањето на условите за пристапување во Единствената европска платежна област (СЕПА) и пристап до платежната инфраструктура на ЕУ, се очекува дека ќе се придонесе за целосна хармонизација со правото на ЕУ. Во врска со поглавјето 9 – финансиски услуги, банкарски сектор – супервизија и резолуција, Народната банка има воспоставено претпазливи, супервизорски и регулаторни аранжмани коишто се во согласност со низа оперативни, организациски и супервизорски стандарди на ЕУ, наведува НБРСМ.

Посочува дека Европската комисија во 2021 донесе одлука со која оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на Европската Унија.

-Со одлуката се потврдува дека домашната банкарска регулатива, како и начинот на вршење супервизија на банките се еквивалентни на оние што се спроведуваат во ЕУ. Во однос на поглавјето 17 − економска и монетарна политика, беше истакнато дека се оценува напредно ниво на усогласеност со регулативата на ЕУ, при што беа објаснети аспекти поврзани со независноста на централната банка, забраната за директно финансирање на јавниот сектор од страна на централните банки и забраната за привилегиран пристап на јавниот сектор до финансиските институции, стои во соопштението. 

Народната банка на РСМ истакнува дека со вакви активности за меѓусебно споделување експертиза, искуства и стекнати знаења,  ги зајакнува врските помеѓу централните банки и меѓународните институции и го подобрува патот за раст и напредок во поширокиот регион. хс/дма/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан