• четврток, 26 декември 2024

Претставен новиот „Сони Плејстејшн портал“

Претставен новиот „Сони Плејстејшн портал“

Лос Анџелес, 26 јули 2023 (МИА) - По објавувањето на уредот „Проџект Кју“ во март, „Сони“ сега официјално го претстави и преносниот уред за видеоигри наречен „Плејстејшн портал“.

Уредот ја користи функцијата „ПС ремоут плеј“, овозможувајќи му на корисникот да игра игри наменети за конзолата „Плејстејшн 5“ на кое било место со Ви-Фи интернет и минимална брзина на интернет од пет Мбпс, а „Сони“ препорачува брзина од 15 Мбпс за оптимално искуство. „ПС портал“ има ЛЦД-екран од 20 сантиметри и брзина фреквенција 60 херци. Има и УСБ-Ц приклучок, 3,5 милиметарски приклучок за слушалки и звучници. Другите спецификации се уште не се откриени.

Уредот, сепак, не поддржува „Блутут“, туку само Ви-Фи и „Плејстејшн линк“ - стандардот на „Сони“ за безжично поврзување коешто спречува губење звук и овозможува префрлување меѓу компатибилните уреди. Оваа технологија е дел од новите безжични слушалки „Сони пулс експлор“ што чинат 220 евра, како и „Пулс елит“ што чинат 150 евра.

„Плејстејшн портал“ чини 200 евра, а на пазарот ќе се појави подоцна оваа година.  си/

Фото: „Сони“

Остани поврзан