• сабота, 28 декември 2024

Претставата „Лето во кое те нема“ премиерно ќе биде прикажана во кумановскиот театар

Претставата „Лето во кое те нема“ премиерно ќе биде прикажана во кумановскиот театар
Куманово, 17 септември 2022 (МИА) - „Лето во кое те нема“ е претставата која премиерно ќе биде прикажана во Театар Куманово, на 21 септември, годинава, информираа денеска од Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“. Претставата „Лето во кое те нема“ е правена според истоимениот роман на Петар Андоновски, а во режија на Драгана Гунин. „Лето во кое те нема“ е претстава за љубовта, за пријателството, но и празнината што ги оставаат љубовта и пријателството. Бојан, Владо и Иван не се само обични пријатели, нивното пријателство се развива во љубовна тројка се до мигот кога Иван ќе одлучи да ги напушти. По неговото заминување Бојан и Владо се соочуваат со празнина која се одразува и на нивниот однос. „Лето кое те нема“ е приказна за соништата, за кошмарите, за патувањето назад во минатото, за внатрешните борби со кои се соочуваат ликовите, за преиспитување на животот и за истрајноста во барањето вистина. Во претставата играат актерите Марко Трајковиќ, Марко Богдановски, Ангела Стојановска и Игор Трајковски. Драматизацијата е на Ева Камчева, сценографијата на Крсто Богојевски, костимографија Ивана Цветковска, музика Гала Насева и дизајн на постер Симона Гаштарова. - Во среда Театар Куманово ќе има премиера на претставата „Лето во кое те нема“, по романот на авторот Петар Андоновски. По тој повод ги покануваме сите заинтересирани љубители на театарот да ја проследат премиерата на оваа претстава. Репризата е закажана следниот ден во четврток, информираше директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски. За романот „Летото во кое те нема“ Петар Андоновски ја доби наградата „ПЕН преводи“ кој ја доделува англискиот ПЕН центар. ам/сст/

Остани поврзан