Претставата „Да, инспекторе“ ќе го отвори Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“
- Претставата „Да, инспекторе“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, во режија на Синиша Евтимов ќе го отвори годинашното издание на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“
Скопје, 22 јуни 2022 (МИА) - Претставата „Да, инспекторе“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, во режија на Синиша Евтимов ќе го отвори годинашното издание на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“ што од 25 до 30 јуни ќе се одржи на стадионот во Реонскиот центар во Аеродром.
Како што информираат од Општина Аеродром, годинава на репертоарот ќе бидат претстави од земјава и регионот, сите со почеток од 21 часот. Фестивалот е во организација на Општина Аеродром и Театар Комедија.
- Како најурбана и најдинамична општина во Град Скопје, за мене е од огромно жалење што немаме свој театар. Затоа она што го ветувам е дека посветено работиме и преземаме чекори до крајот на мојот мандат да го реализираме едно од клучните ветувања – Аеродром да го добие својот мултимедијален центар со кино, театар, простор за изложби, галерија, читална за младите лица и други содржини, изјавил градоначалникот Тимчо Муцунски на денешната прес-конференцијата.
Годинава, на фестивалот ќе гостуваат два меѓународни театри и тоа „Театар Славија“ од Белград и националниот театар „Иван Вазов“ од Бугарија.
- Ние сме подготвени за почетокот, а шесте ноќи ќе бидат исполнети со одлична забава и одлични претстави. Имаме две меѓународни гостувања, „Театар Славија“ од Белград и гостување од Бугарија на големиот национален театар „Иван Вазов“. Покрај нив, имаме и четири македонски групи – театри од Велес, Охрид, Струмица и од Прилеп“, изјавил директорот на театар Комедија, Дарко Спасов.
Картите се бесплатни и можат да се добијат почнувајќи од петок на пријавницата во Општина Аеродром, како и на билетарницата на Театар Комедија, секој ден, освен недела, а едно лице има право на две карти за една претстава. ар/бак/